Владимир Дојчиновски e нов уметнички директор на музичкиот фестивал „Макфест 2018“. На оваа функција го наименува градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, бидејќи веќе неколку години оваа реномирана меѓународна манифестација е под закрила на локалната самоуправа.
– Чест ми е што сум дел од фестивалот и ќе направам сè тој да го задржи своето реноме и секако ќе работам да биде уште подобар. Сакам да им се заблагодарам на сите уметнички директори пред мене, сите тие со своите концепции, без оглед на тоа дали фестивалот беше во јуни, октомври или без оглед на концепцијата, направија многу за фестивалот. Јас сум дел од „Макфест“ од далечната 1998 г., а неколкупати ја добивав и првата награда без оглед на тоа дали сум аранжер или автор на музиката – рече Дојчиновски на неодамнешната прес-конференција што се одржа по потпишувањето на договорот.
Фестивалот годинава ќе се одржи во првата недела од октомври. Конкурсот за песни заврши пред неколку дена, а сега следува разгледување на пристигнатите композиции.
Инаку, за најдобрите учесници остануваат наградите од лани, 5.000 евра за прво место, 3.000 за второ и 1.000 евра за трето место.