Романтичниот канадски музичар Брајан Адамс ги одушеви скопјани
Вистинска еуфорија предизвика изведбата на неговите најголеми хитови. „Have you ever really loved a woman“, „Everyting I do“, „Cuts like a knife“, „18 till I die“ и „Please forgive me“
Брајан Адамс (60), славниот канадски музичар што има издадено 14 албуми, одржал стотици концерти и напишал некои од најголемите попрок-хитови на сите времиња, завчеравечер го одржа својот прв концерт во Скопје, во организација на продукцијата „Авалон“.
Цели два часа од полната „А1 арена“ одекнуваа познатите рефрени на Брајан Адамс, кој на почетокот ги поздрави присутните со зборовите: „Добро вечер Македонија, бидејќи сум првпат тука имаме многу за пеење“.
И се редеа песните, кои публиката веднаш ги препознаваше и ги пееше заедно со него: „The last night odEarth“, „Somebody“, „Run to you“, „Heaven“, „It’s only love“, во чија изведба му помогна гитаристот Кит Скот, „Cloud number nine“…
Во еден момент тој побара и да се вклучат светлата додека ја изведуваше песната „Shine a light“ од последниот албум, по која е и насловена светската турнеја.
Брајан Адамс, чиј рапав глас звучи исто како и во неговите најдобри години, како и сите други големи ѕвезди што оваа година одржаа концерти во нашиот град, се одушеви од музикалната публика, но и од добриот англиски јазик, како што рече. Тој се грижеше цело време за публиката, ја анимираше, но и учтиво замоли присутните своите мобилни телефони да ги стават во џебовите и да се забавуваат.
– Ми рекоа дека одлично танцувате, па покажете го тоа – им се обрати Адамс на присутните, а камерите ги ловеа најдобрите танчари во салата.
Вистинска еуфорија предизвика изведбата на неговите најголеми хитови. „Have you ever really loved a woman“ од филмот „Don Huan de Marko“, која Адамс ја сними со познатиот гитарист Пако де Лусија, „Everyting I do“, „Cuts like a knife“, „18 till I die“ и „Please forgive me“….
Вториот час на концертот, откако Брајан сфати дека е меѓу свои, завладеа вистинска магија во салата и се создаде прекрасна фузија на неговата енергија, на енергијата на извонредните четворица музичари што го придружуваа и на енергијата на околу 8.000 присутни, чиј хор ги разубавуваше сите негови песни.
Вљубените прегрнати ги слушаа романтичните мелодии, а оние постарите, кои ги имаше во поголем број, со насмевка на лицето.
Брајан расположен делеше бакнежи, скокаше, трчаше од еден крај на друг на бината, а во еден миг рече: „Вие сте навистина прекрасна публика, ова е ноќ за паметење и за вас, но и за мене“, и ја отпеа истоимената песна.
По официјалниот крај на концертот, на бис, сам со својата гитара, ги отпеа „I coud get used this“ и трите одлични преработки: „I foght the law“, „Wont get fooled again“, „Whiskey in the jar“, а финишира со „Straight fro the heart“ и „All for love“.
На заминување тој на скопјани им порача да не се откажуваат од своите соништа, бидејќи и тој сѐ уште сонува.
И овој концерт имаше екопорака, бидејќи, како што беше најавено, со секој купен билет присутните донираат за разеленување на планетата.