Вечерва започнува 17-то издание на фестивалот на пивото „Пиво фест 2019“ во Прилеп. Од општината велат дека се подготвени за стартот на најголемата македонска манифестација.

-Направени се сите подготовки, спремни се сите штандови, главната бина на која вечер ќе настапат изведувачите- рече на прес-конференција непосредно пред почетокот на манифестацијата, градоначалникот Илија Јованоски, потенцирајќи дека јавните комунални претпријатија се максимално ангажирани околу чистотата на градот, сите останати служби се присутни на терен, безбедносната состојба е на потребното ниво, што гарантира дека „Пивофест 2019“ ќе помине во најдобар ред.

Првата вечер настапуваат Ѓорѓе Давид, „Негатив“, „Галија“.

-Ми причинува посебна чест што со Неша од „Галија“ ќе настапувам во иста вечер и што ми се оствари еден долгогодишен професионален сон, а тоа е што ќе настапувам и со една од двете најдобри пејачки од екс ЈУ просторите. Покрај Нина Бадриќ тоа е Ивана Петерс, позната како Ивана Негатив, што се случи од една целосно спонтана варијанта, изјави Ѓорѓе Давид.

-Јас сум за прв пат во Прилеп и мислам дека ова е едно прекрасно искуство, една прекрасна екипа и многу ми е драго што сум вечерва со вас. Како што кажа и Ѓорѓе, не очекував вакво нешто и мислам дека вечерва ќе има навистина добра свирка, дека ќе има многу луѓе, што во суштина е и главна цел, истакна Ивана Петерс, поранешната пејачка на групата „Негатив“.

Фронтменот и пејач на групата „Галија“, Ненад Неша Милосављевиќ напомена дека ова не е негов прв настап во Прилеп и дека добро ја познава прилепската публика.

-Не е случајно што вечерва има ваков состав, бидејќи забележав дека оваа публика има посебна естетика и дека многу ја разбира музиката. Така што не е случајно што алтернативната музика се појавува како еден од елементите и тоа трае многу години. Да речеме, јас прв пат бев овде пред отприлика 30 години и ја имав таа чест во повеќе наврати да доаѓам, во различни варијанти. Секогаш имав публика која многу се разбира во она што ние го работиме на сцената и тоа секогаш ни ја олеснуваше работата. Верувам дека и вечерва ќе биде исклучително добро, бидејќи наспроти нас нема да стојат некои кои не знаат што ќе слушаат, туку точно знаат што ќе слушнат. Тоа е многу полесно за нашиот репертоар, бидејќи не мора да вршиме некоја селекција што многу често ни се случува на други места. Прилеп е посебен град и овде мора да се внимава како се свири, бидејќи овде луѓето знаат што е музика, потенцираше Неша од групата „Галија“.

Покрај настапите на познатите музички имиња на главната сцена, вечерва како и сите останати вечери, забава ќе доаѓа и од алтернативната сцена од Камена бина.