Македонскиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев, според направената жрепка во Ротердам, Холандија, која е домаќинот на „Евросонг 2020“, ќе настапи во првиот дел на првото евровизиско полуфинале, што ќе се одржи на 12 мај. Конечниот редослед на настапот, дополнително ќе го утврдуваат продуцентите на шоуто.

Македонија е во блокот со Белорусија, Литванија, Шведска, Словенија, Австралија, Ирска. Во вториот блок на првата вечер ќе настапат претставниците на Русија, Норвешка, Кипар, Хрватска, Азербејџан, Малта, Израел, Украина, Романија и Белгија.

Второто евровизоско полуфинале, на 14 мај, е резервирано за настапите на Австрија, Молдавија, Полска, Сан Марино, Србија, Исланд, Чешка, Грција, Данска, Бугарија, Швајцарија, Финска, Ерменија, Литванија, Грузија, Португалија и Албанија.
Од секое полуфинале десет земји-учеснички ќе обезбедат пат до финалето, кога ќе бидат исполнети 26 песни. Директно одат петте држави-основачи на „Евровизија“ (Германија, Велика Британија, Шпанија, Франција и Италија) и Холандија како земја-домаќин.

Подготвките во Ротердам се веќе во тек, а вториот бран на продажба на влезниците почнува денеска.

Нашиот Васил Гарванлиев деновиве, заедно со евровизискиот тим од МРТ како носител на лиценцата за учество, ќе ја избере песната што ќе ја пее на „Евросонг 2020“ во Ротердам. Изборот ќе биде направен од мелодиите што ќе пристигнат на јавниот конкурс на Македонската телевизија.

Слоганот на годинашниот избор е „Отвори се“!

М.Т.