Ако сакате да ме запознаете, ќе мора да играте фудбал против мене и членовите на реге бендот Вајлерс. Тоа му го кажал Боб Марли на новинар на Би-би-си и не се шегувал.
Марли го паметиме како пејач, текстописец, пионер на реге музиката и културна икона. Но за Боб Марли, фудбалот беше исто толку важен како и музиката.
Новинар на Би-би-си разговарал со двајца блиски пријатели на Марли – познатиот готвач Ливај Рутс и фотографот Денис Морис за неговата љубов кон фудбалот. Боб Марли никогаш не се оддалечил од фудбалот.
Кога и да имал можност тој играл фудбал. Помеѓу две снимања во студио, пред да излезе на сцена на концерт или во парк со група пријатели. Спортот на некој начин бил вентил од светот на музиката, овозможувајќи му да се посвети на натпреварувачката страна на неговата личност.
– Музиката е пред фудбалот. Би било опасно ако мојата љубов кон фудбалот беше на прво место. Прво доаѓа љубовта кон музиката, а потоа љубовта кон фудбалот. Фудбалот исто така може да биде многу насилен. И пејам за мирот, љубовта и сето тоа. И сè може да се случи на теренот. Кога некој ќе започне остро да ве напаѓа, тоа ги буди вашите воинствени чувства – кажал Марли во интервју од 1980 година.
Морис, фотограф и близок пријател на Марли, рекол дека „било волшебно да се гледа како игра фудбал“.
– Никогаш не го фотографирав додека играше фудбал, бидејќи всушност само сакав да го видам на теренот. Ми беше задоволство, само во тие моменти можеше да се опушти и тогаш ќе го оставев фотоапаратот настрана – кажал Морис.
Марли му се восхитуваше на Освалдо Ардилјес, аргентински фудбалер кој играл за Тотенхем од 1978 до 1988 година.
Рутс опишал како изгледало да се игра фудбал со Марли на пријателскиот натпревар одигран на „Батерси парк“ во Лондон во средината на 1970-тите.
– Тој беше многу фокусиран. Топката му се лепеше за ногата. Тој ќе тргнеше кон вас и единствената цел му беше да ве помине и да шутира во голот. Тој беше маестро за музика и фудбал – кажал Рутс.
Речиси на сите фотографии од Јамајка, Марли носи фудбалски дресови од репрезентацијата на Јамајка или Бразил. Може да се каже дека тој ја покажа својата љубов кон фудбалот со начинот на облекување. Кога настапувал во Велика Британија, тој исто така често носел спортска облека а на нозете чорапи „Адидас Копа Мундијал“. Во Јамајка тој, сепак, сакал да носи нешто поживописна спортска варијанта.
Марли почина во 1981 година, четири години откако наводно го проведувал палецот на ногата додека играл фудбал и открил дека боледува од редок вид на рак на кожата. Кога беше на сцената, Марли беше секогаш облечен како да е подготвен да игра фудбал на лице место во секој момент.