Новиот албум „Rough and Rowdy Ways“ на еден од најголемите американски музичари и текстописци, награден со Нобелова награда за литература во 2016 година, ќе излезе на 19 јуни, стои во кратката најава на официјалната интернет-страница на Боб Дилан.
Најавата за албумот доаѓа откако неодамна тој го објави третиот сингл оваа година, песната „False Prophet“.
Дилан кон крајот на март ги изненади обожавателите со 17 минути долгата песна „Murder Most Foul“, која говори за убиството на американскиот претседател Џон Кенеди во Далас, 1963 година. Дилан со оваа песна првпат се најде на врвот на топ-листата на „Билборд“. Три недели подоцна тој ја објави и втората песна „I Contain Multitudes“, според стихот на американскиот поет Волт Витман.
Последниот албум со нови песни Дилан го објави 2012 година, а беше насловен „Tempest“. На него беше снимена песната што тој му ја посвети на убиениот член на култните „Битлси“, Џон Ленон, а 14 минути долга песна му посвети и на потонатиот брод „Титаник“.