Првично стрипот е направен за деца, но сепак и децата и ние возрасните сме имале или имаме моменти кога сме се чувствувале „безбојни“, вели илустраторката на стрипот, Катерина Николовска-Тери
Врвот на светот, на кој барем за миг посакува да застане секој човек, отсекогаш има царство на бели поларни мечки. А меѓу нив, што и не е толку познато, си живееше некогаш едно мало безбојно мече… Ова е мал вовед на „Приказната за безбојното мече“ на која се потпишуваат Катерина Николовска-Тери за илустрацијата и Александар Стеванов за сценариото.
„Безбојното мече“ ја освои првата награда на четвртиот меѓународен конкурс во рамките на стрип-фестивалот во Ваљево, Србија. А пред неколку месеци го зазеде и третото место на конкурсот во рамките на Меѓународниот стрип-салон во Велес.
– Приказната за безбојното мече ни раскажува за едно весело поларно мече, а велиме дека е безбојно, бидејќи едноставно, никој не можеше да го види и неговата најголема желба до Дедо Мраз секоја година беше да тоа престане да биде невидливо и така, трагајќи по видливоста, тоа најде нешто многу повредно од тоа – вели Тери.
Според неа, приказната и стрипот имаат повеќе квалитети, па оттука се нижат и награди.
– Бидејќи има повеќе категории награди, а сепак стрипот беше во првите три главни награди во Ваљево, укажува на тоа дека стрипот е награден како една целина, односно самото сценарио, илустрациите и духот и самата порака што ја испраќа до читателот. Првично стрипот е направен за деца, но сепак и децата и ние возрасните сме имале или имаме моменти кога сме се чувствувале „безбојни“ односно невидливи, па, така, не се сомневам дека стрипот може да допре до секој човек на која било возраст – вели илустраторката.
Пред да ги објават наградените на конкурсот во Ваљево, овој стрип најпрвин се најде на 3-то место за најдобар стрип на меѓународниот стрип-конкурс „Велес 2020“. За неа е најбитно стрипот да биде позитивно прифатен од секoго без разлика дали ќе биде награден или не.
– За едно дело да биде целосно, потребно е авторот на текстот да процени кој би бил соодветен илустратор што најдобро би го опишал она што тој сака да го претстави и обратно. Јас со задоволство ја прифатив оваа соработка, знаејќи дека ќе дадам сѐ од себе за да го обојам ова безбојно мече и да биде видено насекаде низ светот, а не само на врвот на светот – додава Николовска.
Стрипот нѐ скокотка да се запрашаме како изгледа врвот на светот на кој нѐ носи безбојното мече.
– Доколку отидете во Австралија, на пример, на тамошните мапи ќе забележите нешто необично. Она што за нас во Европа е горе, на нивните мапи е прикажано долу. Изгледа како на нив светот да е свртен наопаку. Но дали е свртен наопаку? Концептот за горе и долу е субјективен и крајно лимитиран. Светот, впрочем како и целиот физички простор, не знае за врв. Сите ние го дефинираме сопствениот врв, со што на некој начин светот има онолку врвови колку што има луѓе. А како изгледа оној на безбојното мече? Идентично какво што од аспект на видливоста е нашето секојдневие. Па исто како австралиските мапи, за да бидеме поблиску до вистината, тоа нѐ присилува да погледнеме на нештата од малку поинаква перспектива – вели Стеванов.
На прашањето која е пораката што се провлекува низ стрипот, тој како пример дава интервју со славниот филмски режисер Стенли Кјубрик.
– На прашањето која е пораката на неговиот филм одговори со: да знаев да го преточам во зборови, навистина немаше да снимам филм. Една слика – илјада збора, не е само излитена фраза. Одредени визуелни приказни немаат еквивалент во јазикот, па затоа и се така раскажани. Но и кога би имале, не верувам дека Кјубрик би одговорил на прашањето. Така само би го намалил задоволството при консумацијата на делото и би ја лишил уметноста од еден од нејзините најбитни аспекти – повратната врска и можноста читателите сами да му дадат смисла на наративот – вели Стеванов.