Кралското семејство на Велика Британија на Твитер соопшти дека новородениот син на принцот Хари и неговата сопруга Меган ќе го носи името Арчи Харисон Маунтбатен Виндзор.
Актерката Меган Маркл се породи пред два дена. Најмладиот припадник на британската кралска фамилија е седми по ред на тронот и осми правнук на кралицата Елизабета Втора. Младите родители за британските медиуми велат дека бебето е многу мирно и дека се остварил нивниот сон.
-Магично е и прекрасно. Ги имам двајцата најдобри момци во светот, навистина сум среќна, изјави Меган.
Бидејќи тоа е првото кралско бебе од мешана раса, многумина беа љубопитни да видат како изгледа момчето и што зел од својата мајка, а што од црвенокосиот Хари. Принцот претходно изјави дека момчето е преубаво и дека бескрајно се гордее со својата сопруга.
Меган Маркл роди син во понеделникот во 5.26 часот по локално време. Како што тврдат британските медиуми, војвотката добила болки во неделата вечерта, а тајната служба ја префрлила во приватна болница во Лондон. Со Меган цело време беа нејзиниот сопруг, принцот Хари, и мајка ѝ Дорија Реглан. Породувањето поминало без компликации, а војвотката не бараше царски рез.