Ана Секуловска е колекционерка на кукли Барби, досега има собрано 66 најразлични кукли во својата колекција
Барби, креацијата на Рут Хендлер, кој ја именувал куклата по својата ќерка Барбара, веќе 60 години е најпопуларната играчка во светот. Повеќе од еден билион кукли Барби се продадени откако се креирани на 9 март, 1959 година. Единаесет инчи или 28 сантиметри високата русокоса кукла, досега се има појавено во над 200 кариери како докторка, пилотка, астронаутка, олимписка атлетичарка, претседателка…
Компанијата „Мател“, која стои зад производството на Барби, иницира разни кариери за да испрати пораки до девојчињата дека можат да бидат што ќе посакаат, дека кариерните желби се неограничени.
– Барби цело време на девојчињата им нуди различни можности и во животот и за игра – велат од компанијата.
И покрај жестоката конкуренција во индустријата за играчки, вкупно 58 милиони кукли се продаваат секоја година во повеќе од 150 земји.
Во саботата се одбележа Интернационалниот ден на Барби, со изложба во „Колектив галери“ на 66 кукли Барби на Ана Секуловска, која е колекционерка на барбики. Таа ги колекционира од пет години, кога всушност и ја добила првата барбика. Последната ја купила пред девет години, сега вели дека прави пауза.
– Колекционирањето на барбиките стана на еден начин традиција, така што од секое патување на моите родители, добивам по една или две барбики. А традицијата започна со првата барбика и мојата воодушевеност од неа. Колекцијата, всушност, содржи 66 барбики, од кои еден Кен. Имам најразлични видови барбики, како на пример, Барби што зборува германски, балерина, ветеринарка, колекционерски изданија на Барби, Барби на која може да ѝ се потстрижува косата и да ѝ се стават екстензии, фотографка на бебиња и други, списокот е долг – ни сподели Ана.
Секоја барбика таа ја чува во својата оригинална кутија, со сите додатоци што доаѓаат со неа, совршено зачувани.
– Барбиките се наоѓаат во домот на моите родители, во мојата стара соба. Секоја барбика ми е од различна држава, од различно место, дури искрено не се ни сеќавам од каде ми се набавени. Омилена ми е првата, сирена, со сина перка и долга сина коса. Најинтересно кај оваа барбика е што ѝ се менува бојата на косата. Кога косата ќе ѝ се намокри со топла вода, добива боја на виножито, а кога ќе се намокри со ладна вода, повторно Барби станува русокоса. Омилена ми е, зашто ми беше првиот контакт со Барби, ме воодушеви со магичната коса. Плус, иако е митско суштество, сирената ме потсетува на море, безгрижност и слобода и ми буди пријатни спомени – вели Ана.
За неа како дете, барбиките едноставно значеле забава и игра. А сега, колекција на нешто вредно и непроценливо, бидејќи повеќето од барбиките што ги поседува, повеќе не се произведуваат, ниту пак можат да се најдат во продажба.
– Според мене, барбиките ги одразуваат развојот и напредокот на жената во општеството. На пример, на почетокот, некои од барбиките биле со гламурозни тоалети, шминка и фризура, максимално женствени, а некои прикажани како домаќинки, бидејќи во тоа време таа била улогата на жената. Подоцна, барбиките добиле нови улоги, како балерина, гимнастичарка, танчарка. Понатаму, како што жената добивала сѐ поголема значајност во општеството, така напредувала и Барби.
Па, така, има цела колекција на барбики прикажани во различни професии, како ветеринарка, докторка, фотографка… Дури, има и една контроверзна Барби, во бикини и со тетоважи, која била повлечена од продажба, по реакција на родителите низ светот што ја сметале за несоодветна. Така, од развојот на Барби, од 1959 г. до денес, можам да заклучам дека Барби дефинитивно го следи напредокот на жената – вели Ана Секуловска.
Следно со што би ја дополнила колекцијата е со уште некоја барбика од колекционерските изданија или од серијата барбики „Инспиративни жени“.