Лондонското зоолошко друштво го спроведува најсеопфатното истражување на реката Темза уште од 1950-тите. Според оваа најсеопфатна анализа, откако Темза беше прогласена за биолошки мртва пред 70 години, утврдено е дека оваа река во плимниот дел е населена со морски коњчиња, јагули, фоки и ајкули.
Покрај охрабрувачките наоди дека Темза не е биолошки мртва, научниците од Лондонското зоолошко друштво, кои спроведуваат истражувања, предупредуваат дека 153 километри од плимниот дел на реката се загрозени поради зголеменото ниво на нитрати поради индустрискиот отпад и канализациската мрежа. Нивото на водата и температурите исто така растат како резултат на глобалното затоплување. Во просек, летните температури во горната плима на Темза се зголемуваат за 0,19 степени Целзиусови годишно од почетокот на векот – се вели во извештајот.
Се издвојува и големиот размер на загадување на Темза со пластика. Илјадници пластични шишиња, влажни марамчиња и друг пластичен отпад се причина за сериозна загриженост. Купот од влажни марамчиња и пластика во Темза кај Барнс пораснал на 1,4 метар од 2014 година и зафаќа површина од 1.000 квадратни метри.
– Овие производи, од кои многу содржат пластика, физички го менуваат брегот по должината на Темза, создавајќи големи купишта густо набиен талог – се вели во извештајот.
Густината на микропластиката пронајдена во Темза е околу 19,5 на кубен метар, а микропластиката тече низ реката со брзина до 94.000 парчиња во секунда, се проценува во извештајот. Зоолошкото друштво во Лондон користело 17 различни индикатори за да го процени здравјето на природната средина на Темза. Нагласено е и позитивното влијание на напорите за зачувување, како што е резерватот „Салт Флит Флатс“ во близината на устието на Темза на нејзиниот јужен брег. Живеалиштето од кал и солени мочуришта е создадено во 2016 година и е дом на голем број мочуришни птици. Меѓу различните животински видови откриени од зоолозите во Темза се морските коњчиња, па дури и неколку вида ајкули. Последниот попис покажал дека има околу 900 пристанишни фоки и 3.200 сиви фоки. Откако е започнато истражувањето во 2003 година, има јасен и постојан пораст на популацијата на двата вида фоки на устието на Темза.
Сепак, бројот на риби е намален од 1990-тите, а научниците за зачувување на природата велат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди причината. Плимниот дел на Темза е дом на повеќе од 115 вида риби, 92 вида птици и е опкружен со околу 600 хектари солено мочуриште, кое е клучно живеалиште за цела палета диви животни.


Во Бразил откриени остатоци на редок вид диносаурус

Во Бразил се откриени остатоци од двоножен вид диносаурус без заби што живеел пред околу 70 милиони години, објави истражувачкиот тим, истакнувајќи дека ова е многу ретко откритие. Малиот диносаурус бил долг само еден метар и висок 80 сантиметри и спаѓа во групата тероподи, за кои се верувало дека се речиси сите месојади. Но научниците биле збунети од откритието, затоа што новооткриениот вид, наречен бертхасаура леополдине, имал уста што наликува на клун и немал заби во неа.
– Бевме многу изненадени – велат палеонтолозите што го пронајдоа фосилниот запис.
Тероподите спаѓаат на подвидот диносауруси од видот саурисшиа. Тие еволуирале од горниот тријас до крајот на креда, пред 65 милиони години, кога изумреле. Се движеле на две нозе и биле претежно грабливи месојади (предатори). Денес, потомците на тероподите сочинуваат 9.900 вида птици, кои еволуирале за време на периодот јура од посебен вид мали диносауруси.
Палеонтолозите ги објавија своите наоди во списанието „Природа“, во кои велат дека тоа е „еден од најкомплетните скелети на диносауруси пронајдени од периодот креда во Бразил“.
– Отсуството на заби го отвора прашањето за исхраната на овие протозои. Бидејќи овој вид теропод немал заби и не можел да консумира месо. Но тоа не мора да значи дека тие не јаделе месо, бидејќи многу птици, како што се соколите и кондорите, се познати по тоа што јадат месо со клунот. Најверојатно станува збор за животно што било сештојадно, но живеело во негостопримлива средина и било принудено да се храни со она што му било достапно – вели истражувачот на Геована, Алвес Соуза, еден од авторите на студијата.
Анализата на скелетот, пронајден во близината на рурален пат во јужната држава Парани, покажа дека се работи за сосема нов вид диносаурус што живеел пред 70-80 милиони години. Видот го добил името по Берта Луц, почитувана бразилска научничка и феминистка, која починала во 1976 година, и по Марија Леополдина, бразилска царица од 19 век, која била покровителка на научниците.