Астрономите ја забележале најмоќната супернова, која се смета за најголемата регистрирана експлозија на ѕвезда досега, а која е десет пати помоќна од нормалната супернова и 500 пати посветла.
Ова го пренесоа научниците од Велика Британија и од САД во студијата објавена во списанието „Нејчр астрономи“.
Астрономите од Универзитетот во Бирмингем, како и од Центарот за астрофизика на Харвард-Смитсонијан во САД го опишаа своето откритие, наречено СН2016апс, како „исклучително моќна супернова на масивна ѕвезда“.
– Освен по својата големина и сјај, таа беше спектакуларна и на други начини – изјави коавторот на истражувањето Едо Бергер од Универзитетот во Масачусетс.
Таквата супернова испушта само еден процент од својата енергија во видлива светлина, но СН2016апс испушта многу поголем дел од вообичаеното – пренесува „Танјуг“.
Научниците процениле дека таа има енергија како 200 квадрилиони гигатони ТНТ-експлозив. Експлозии како оваа, според научниците, би можеле да ни помогнат да научиме многу повеќе за супермасивните sвезди што најверојатно постоеле во раните денови на универзумот.