Археолозите што вршат ископувања во Турција, на местото каде што се наоѓал историскиот град Троја, на ридовите на Хисарлик, откриле голема дрвена конструкција, за која веруваат дека е остаток од легендарниот тројански коњ. Во текот на ископувањата се откриени остатоци од десетина јалови штици и греди со должина до 15 метри, кои биле составени во необичен облик, што ги навелоекспертите да се посомневаат дека се делови на тројанскиот коњ, јави „Грик рипортер“.
Повеќето научници сметаат дека тројанскиот коњ е митска градба и обично се поврзува со еповите на Хомер „Илијада“ и „Одисеја“.
Приказната за тројанскиот коњ се однесува на самиот крај на војната, како дел од стратегијата да се заземе Троја и да се извојува целосна победа во судирот. Приказната за него најверодостојно ја прикажува Вергилиј во „Енеида“, текст од времето на владеењето на императорот Август во Рим. Историчарите сугерираат дека античкиот писател ја користел сликата на коњот како алегорија за некоја воена машина или можеби за природна катастрофа.
Пронајдената структура му одговара на описот на Вергилиј, Август и Квинт од Смирна, па затоа археолозите почнале да веруваат дека ова откритие навистина е остаток од лукавата стратегија што Грците ја користеле за освојување на древната Троја.
Уште едно откритие што ги поткрепува тврдењата на археолозите е оштетената бронзена плоча со натписот „За враќање дома, Грците ѝ ја посветуваат оваа понуда на Атина“, која е пронајдена на локалитетот. И Квинт од Смирна се повикува на одредена плоча во својата епска песна „По Хомер“.
Двајца археолози, кои ги водат ископувањата, професорите од Универзитетот во Бостон, Кристин Морис и Крис Вилсон, велат дека во голема мера се убедени дека оваа структура навистина е поврзана со легендарниот коњ и оти сите досегашни тестови само ја потврдиле нивната теорија.
– Сите тестови на датирањето на јаглеродот и другите анализи сугерираат дека дрвените парчиња и другите артефакти потекнуваат од 12 или 11 век пред новата ера, што се совпаѓа со датумите што многу древни историчари, како Ератостен, ги навеле како период на Тројанската војна – вели професорката Морис.
Таа нагласи дека не сака да звучи премногу самоуверено, но е доста сигурна дека се работи за откривање делови на тројанскиот коњ, бидејќи и другите докази, како и нивниот состав, се совпаѓаат со описите од повеќе извори.