Остатоци од Антанија, Мариово

До Антанија се стигнува од Битола, преку Новаци, па потоа кон Мариово, за конечно да се запре во селото Зович, последното место од кое се спуштаме кон Црна Река, за да стигнеме до Чебренскиот манастир. Оттука натаму, некаде во висовите се разрушените остатоци од античката, но и христијанската, епископска Антанија

Владимир Перев

Коронавирусот предизвикува различни реакции кај луѓето и кај цели заедници. Некои се разболуваат, некои се затвораат дома и ги сведуваат контактите на минимум, а некои, пак, преземаат нешта што немаат никаква врска со нивниот претходен живот. Ништо ново, тоа е и веќе видено, а најдобро е опишано во „Чума“ на Албер Ками, со страшната болест како синоним и алегорија за Втората светска војна. Така и ние, тројца познаници, кои никогаш не сме помислиле да шетаме по планините и изгубените македонски пространства, решивме да ја најдеме и разгледаме Антанија, античкиот град, потоа епископско седиште, за конечно со таа титула да се закити и игуменот на манастирот „Св. Јован Бигорски“, пречесниот Партениј, сега епископ антаниски.

До Антанија се стигнува од Битола, преку Новаци, па потоа кон Мариово, за конечно да се запре во селото Зович, последното место од кое се спуштаме кон Црна Река, за да стигнеме до Чебренскиот манастир. Оттука натаму, некаде во висовите се разрушените остатоци од античката, но и христијанската, епископска антанија.

Групата е добро опремена, но само да стигне до Зович. Тоа значи дека имаме автомобил и само половина литар вода за тројцата. Така почнува пеколот. На температура од 38 степени, во исушените мариовски планини, треба да се преземе цела експедиција за да се најде вода за пиење и разладување. Се спуштаме по каменестите падини за да стигнеме до реката Градешка, да стигнеме до вода и ладовина. Таму, во еден прекрасен пејзаж, нѐ пречекува познатиот мост на реката, на сите познат од сцените на „Прашина“ на Милчо Манчевски. Илузија е дека мостот е стар и некаков „антички“, тоа е нов мост, граден некаде во 1952 година. Таму имало стар дрвен мост, но тој паднал под товарот на запрежна воловска кола, па тогашната власт нашла решение. Повикан бил мајсторот Џалудин од Лабуниште, Струшко, градител на мостови и тој го направил овој мост во педесеттите години од минатиот век, кој е мајсторско дело на елеганцијата и префинетоста.

Мостот на реката Градешка

Околу четириесетина минути трае спуштањето од Зович кон Чебренскиот манастир. Тоа е патешествие низ врела, исушена и неплодна земја, погодна само за сточарство и ограничено земјоделство, само за домашни потреби. Насекаде се гледаат гранати, остатоци од борбите во Првата светска војна. Некаде натаму се наоѓа и познатото место Завој на Црна, каде што во тоа време се води една од најтешките битки меѓу силите на Антантата и Оската, во мај 1917 година. Остатоците од артилериските гранати се спомен за тоа време. Жртва на тие борби е и манастирската црква „Св. Димитрија“, која е разрушена со топовска граната, па, така, извесен период се прекинува и дејноста на Чебренскиот манастир, за во наши дни да се возобнови.
Антанија никогаш не се возобновува. Останува во своите руини, а не се гледаат ниту траги од некои нови ископувања или истражувања. Крената високо, на релативно непогодно место, таа и до денешен ден останува повеќе како слика на тврдина отколку на епископско седиште. Веројатно дека во тоа време единствено така и можело да биде.

Се враќаме назад, преморени, жедни, испотени, искасани од мушички и со лесен стрес од неколкуте змии и смокови што ги среќаваме по патот и ги вознемируваме со нашето, очигледно, несакано присуство. Разговараме за тоа како црквите низ целиот Балкан ги возобновуваат имињата на античките епископии, навлегувајќи длабоко во времето што, барем за пошироката јавност, останува темно и непознато. Се трудиме да го дигнеме превезот на мистеријата од средновековието и антиката, ама прашање е колку можеме да се справиме со сегашноста. Затоа, на крајот, еден од моите сопатници, долгогодишен професионален новинар, иронично ќе ми дофрли: „Те молам, ако пишуваш за ова патешествие, стави дека Антанија ми се виде подалеку од Анталија!“
Еве, нека му се оствари желбата! Само да куртулиме од короната!


Отец Партениј ја разбуди Антанија

На 12 јули 2020, името на доцноантичкиот град во Македонија, Антанија, сместен на Црна Река во Јужно Мариово повторно се разбуди во јавноста. Имено, на празничната божествена литургија одржана во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид, архимандритот Партениј е хиротонисан за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а во неговото име стои одредницата антаниски, според македонскиот антички град Антанија, кој бил и епископско седиште. Така, отецот Партениј ќе биде викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титулата епископ антаниски, а името Антанија на доцноантичкиот град во Македонија многу почесто ќе се споменува и чествува. Но што досега е познато за нашиот антички град и епископско седиште Антанија?

Антанија претставува доцноантички град во Македонија, кој се наоѓал на 32 км источно од Хераклеја, во јужно Мариово, на Црна Река. Тоа е всушност голем кастел, во кој во неговото јужно подножје се оформила урбана населба. Овој кастел имал обѕидие со кули и порти и една базилика во центарот. Врз неа е изграден средновековниот Чебренски манастир. Административно, градот ѝ припаѓал на Македонија. За локацијата на овој град се пронајдени натписи што зборувале за Антанија, а вториот натпис е пронајден во нашиот антички град Стоби. Според истражувањата на еминентниот македонски археолог, проф. д-р Виктор Лилчиќ, остатоците и рушевините од античкиот и средновековен македонски град седиште на епископија – Антанија, со големи градби на две базилики и повеќе други градби, се наоѓаат и се убицирани во месноста Градот на рид веднаш над левиот брег на Црна Река во Мариово, a низ него минувал Еригонскиот пат, по кој минал Александар Македонски на враќање од походот против Трибалите.