Австралискиот закон со кој се предвидува „Гугл“ и „Фејсбук“ да плаќаат за пренесување на вестите е подготвен да стапи на сила, но според експертот Род Симс ќе биде потребно време за технолошките гиганти да склучат зделки со медиумите, пренесува „Асошијетед прес“.
Австралискиот парламент ги изгласа последните измени и дополнувања на таканаречениот „Кодекс за преговори за вести во медиумите“ договорен во вторникот помеѓу австралијскиот министер за финансии Џош Фриденберг и извршниот директор на „Фејсбук“ Марк Закерберг. Според овој кодекс дигиталните платформи треба да им плаќаат на медиумите за пренесување на нивните содржини.
За возврат на промените, Фејсбук се согласи да ја укине забраната за Австралијците за пристап и споделување на вести.
Род Симс, регулаторот што го подготви кодексот, рече дека е среќен што изменетата законска регулатива ќе се справи со дисбалансот на пазарот меѓу австралиските издавачи на вести и двата технолошки гиганти на Интернет.
Гугл веќе склучил зделки со големите австралиски новински куќи во последните неколку недели, вклучувајќи ги „Њуз Корп“ и „Севен Вест Медиа“.
Министерот Фриденберг изјавил дека е задоволен што гледа напредок во постигнувањето на комерцијални зделки на „Гугл“, и од неодамна на „Фејсбук“, со австралиските новински компании.