Концертот беше насловен „My way“, по познатиот евергрин на Френк Синатра,
а овој пат Ѓоко Ѓорчев песната ја изведе заедно со Трифун Костовски
На сцената на МОБ вчеравечер македонскиот Том Џонс, како што го нарекуваат Ѓоко Ѓорчев, пејачот што со својот убав глас досега снимил седум албуми, учествувал на голем број фестивали и бил на многу гостувања во земјава и во странство, со музичко патување ги одбележи своите 25 години на естрадата.
Го придружуваше бендот на Филип Стевановски, а сцената ја подели со своите гости: Трифун Костовски, Зоран Џорлев, Катерина Танева, Ирена Крстевска-Стеванова, Кристина Палија и триото „Џентлменс“, со чии изведби се потсетивме на прекрасните евергрини, но и на некои од авторските песни на Ѓорчев, кои останаа да се слушаат до денес.
Иако пееше со висока температура, Ѓорчев даде сѐ од себе неговата јубилејна средба со скопската публика да биде незаборавна. Неговиот ентузијазам и желба со својата изведба да предизвика убави емоции кај публиката беа многу поголеми од ситните технички пропусти и малите грешки, бидејќи сите што дојдоа уживаа во оваа вечер на евергрини и на емоции.
Концертот беше насловен „My way“, по познатиот светски евергрин на Френк Синатра, што е и на репертоарот на Ѓорчев долги години, а овој пат тој песната ја изведе заедно со Трифун Костовски.
– Ви благодарам на сите што дојдовте, јас без вас, без мојата публика, немаше да бидам тоа што сум. Посакувам да снимам уште, да одржувам концерти и да пеам за вас уште долго. Сепак, да опстојуваш 25 години на македонската музичка сцена не е малку, бидејќи во текот на сите овие години момчето од Неготино го оствари својот сон – рече Ѓорчев, преплавен од емоции.
Концертот заврши, како и што прилега, со многу аплаузи, верен придружник на Ѓорчев на сцените во Македонија и низ светот во изминатиот четврт век. М.Т.