Во театарот „Волф“, во рамките на реномираната Академија за телевизиски уметности и науки, и пред гости од светот на филмската индустрија, својата премиера ја имаше анимираната приказна „Пајни: осамената елка“. За овој краткометражен филм, комплетната анимација, продукција и постпродукција ја изработи македонската компанија „В хаус анимејшн“ по сценарио и режија на познатиот холивудски тандем Тимоти Хутен и Тод Едвардс.
– Со компанијата „Харди хоул“, поточно со режисерите Тимоти и Тод, имаме повеќегодишна соработка на различни проекти. Конкретно, договарањето за „Пајни“ почна многу порано, но поради претходни ангажмани на нашата компанија, мораа да нè почекаат за формално да ја почнеме реализацијата, која траеше 9 месеци. По стотици часа поминати онлајн, на релацијата Скопје – Лос Анџелес, беше вистинско задоволство што можевме да го видиме финалниот производ, на големото платно, директно во Холивуд. Навистина сме горди на честа и вниманието што ни беа укажани на премиерата и по неа, и е вистински успех да се види името на нашето студио, и на нашите артисти од Македонија, рамо до рамо со докажаните холивудски филмски креатори – вели Дамјан Митревски, извршниот директор на „В хаус анимејшн“.
Приказната во „Пајни: осамената елка“ го следи необичното пријателство на 9-годишната Џорџи и нејзината омилена елка Пајни, чија единствена желба е да биде празнична, новогодишна елка во домот на девојчето.
– Во измината декада имавме задоволство да работиме со Дамјан, со продуцентот Сашо Пешев и со тимот на „В хаус анимејшн“ на повеќе проекти. Кога влеговме во овој нов проект, бевме благодарни дека „В хаус“ успеа да најде време за нашата продукција затоа што знаевме дека заедно ќе постигнеме класичен, прекрасен и стилски врвен изглед. Тоа е најголем дел од „тајната состојка“ на студиото, еластична приспособливост, поради што знаевме дека соработката со нивните уметници од врвен калибар како и раководството ќе донесат врвна естетика соодветна и за на телевизија и за на големото платно. Најдоброто нешто е дека низ годините прераснавме од колеги во пријатели поради што процесот низ кој заедно минувавме, да ги прикажеме нашите приказните на екранот, е наградувачки. И покрај тоа што ние сме во Холивуд, сметаме дека Скопје ни е сосед поради силното филмско партнерство, кое се надеваме дека ќе расте во следните децении – изјави режисерот Тимоти Хутен.
Приказната „Пајни: осамената елка“ е базирана на делото на авторката за детски книги Џејн Вест Бејкеринг. Таа и нејзиниот сопруг Џеј Бејкеринг се извршни продуценти на анимираниот филм.
– Ни беа потребни 20 години, од првичната идеја на Џејн, кога ги забележа убавите, но оставени божиќни елки, да ја преточи во книга, која успеавме да ја оживееме во прекрасен анимиран, ведар филм за целото семејство. Ова е топла, празнична приказна, која има цел на секое дете да му ја пренесе пораката за тоа колку е важно и посебно. Нашата идеја ја реализираа луѓе од целиот свет, и ние сме уште една потврда дека светот на уметноста навистина не познава граници – вели Џеј Бејкеринг.
Гласовите на ликовите им припаѓаат на реномираните актери: Џонатан Прајс, Сајмон Пег и Џејсон Ентони. „Пајни: осамената елка“ наскоро ја очекува својата дистрибуција на една од познатите ТВ-платформи за филмови и серии, Нетфликс, Амазон или Епл ТВ. Премиерата на филмот на црвениот тепих во Холивуд, е потврда за квалитетот што македонската компанија ја става на рамниште со светските анимациски студија од целиот свет.