Заштитните маски за лице и физичкото растојание може да бидат присутни како превентивни мерки уште една деценија, тврди поранешниот судија на Врховниот суд на Велика Британија, Морд Самптон. Тој предупреди дека ограничувањето на британската слобода може да трае колку и контролата по Втората светска војна, како што објави „Дејли меил“.
Самптон посочи дека е „политички нереално“ да се очекува дека Владата наскоро ќе ги повлече мерките за социјална контрола затоа што јавноста веќе се навикна на нив. Тој додаде дека ограничувањата всушност се утешни за Британците во моментот бидејќи им носат чувство на безбедност.
– Интересна паралела е продолжување на контролираната дистрибуција на оброци по последната војна. Луѓето ја поддржуваа затоа што сакаа социјална контрола. Но на општите избори во 1951 година, лабуристите го загубија мнозинството затоа што на луѓето им беше преку глава од истата социјална контрола.
Порано или подоцна, тоа ќе се случи и сега – истакна тој.
Научниците на САГЕ (Научно советодавно тело за вонредни ситуации) веќе навестија дека заштитните маски и мерките на физичко растојание треба да бидат важни за сите следни зими кога респираторните вируси како ковид-19 полесно се шират.
Мери Ремзи, раководител на процесот на имунизација во јавното здравство на Англија, исто така призна дека ограничувањата може да останат во сила со години, затоа што Велика Британија ќе мора да почека другите земји да ги имплементираат своите програми за вакцинирање и имунизација.