Холивудската легенда Роберт Редфорд наполни 85 години
Холивудската легенда Роберт Редфорд на 18 август наполни 85 години.
Тој стана водечка холивудска sвезда пред повеќе од 50 години. Во вестерн-комедијата „Буч Касиди и Санденс Кид“ (1969 година), напаѓаше возови и банки заедно со Пол Њумен. Со побелена коса, но сепак со харизматична, неверојатна насмевка, тој повторно ги извади пиштолите во „Старецот и пиштолот“ (2018) како Форест Такер, остарен ограбувач на банка. Всушност, Роберт Редфорд триумфира во секој аспект на комплицираниот свет на кинематографијата. Според светските медиуми, тој е едноставно фасцинантна личност, актер и човек достоен за почит. Исто така е голем борец за човековите права и за заштита на животната средина и се залага за правата на домородците во Америка.
Луѓето што ја гледале неговата верзија на „Големиот Гетсби“ или многу други постари блокбастери, како „Осило“, „Сите луѓе на претседателот“, „Моја Африка“, „Трите дена на кондорот“, секогаш ќе се сеќаваат на дискретниот шарм, но и на леснотијата со која ги пренесува сториите на ликовите што ги глуми.
Актерската кариера ја започна во 1960 година и подоцна доби четири номинации за „оскар“, а престижната награда ја освои за режија за „Обични луѓе“ во 1981 година. Редфорд доби почесен „оскар“ во 2002 година.
Славниот актер се најде и на листата „Сто највлијателни луѓе на светот“ на магазинот „Тајм“, како „кум на независниот филм“, затоа што е еден од основачите на институтот „Санденс“ и на истоимениот фестивал во Јута, САД.
Од бејзбол до сликарство
ветеран – глумец, режисер, продуцент, бизнисмен и филантроп – е роден на 18 август 1936 година во Санта Моника, Калифорнија, во семејството на Чарлс Роберт Редфорд, постариот, кој бил сметководител, и Марта В. Харт. Уште како дете го викале синоокиот убавец со руса коса.
Имал убаво детство, но малку бил разгален. Во средното училиште особено се истакнал во бејзбол, па добил стипендија да студира на Универзитетот во Колорадо. Меѓутоа, поради недолично однесување, наводно пијанство по смртта на баба му, ја губи стипендијата и се запишува на студии по сликарство во Бруклин, а потоа заминува за Европа на усовршување.
Наместо сликар и сценограф – глумец
Од Европа се вратил во Њујорк и се запишал на часови по театарски дизајн на Американската академија за драмски уметности, но истовремено почнал да добива и помали епизодни улоги во ТВ-серии, а веќе во 1962 година бил номиниран за наградата „еми“, како најдобар глумец во споредна улога. Бидејќи имал детско лице со мил поглед, почнале да го нарекуваат синоокиот убавец. Кон крајот на 1960-тите ја одбива улогата во филмот „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ и прифаќа заедно со Пол Њумен да заигра во сега веќе филмскиот класик „Буч Касиди и Санденс Кид“. Култниот статус што го стекна овој филм ја разгоре поделбата меѓу гледачите, кој од нив двајца е поубав. По овој успех, вратите му беа широко отворени и набрзо тој завладеа со Холивуд. Во 1970-тите глуми во серија успешни филмови: „Џеремаја Џонсон“,„Осило“, повторно заедно со Пол Њумен, со Барбара Стрејсенд во романтичната комедија „Такви какви што сме“.
Успешен деловен човек и филантроп
Она што го одделува Роберт Редфорд од другите глумци, кои своите заработени милиони ги трошеле, е тоа што тој ги вложувал. Така, од заработката од филмот „Буч Касиди и Санденс Кид“ отвора ски-центар во Прово, Јута, јужно од Парк Сити. Центарот подоцна е преименуван во одморалиште Санденс, а набрзо потоа од заработката од филмот „Џеремаја Џонсон“ го основа филмскиот фестивал „Санденс“, како и институтот „Санденс“ и ТВ-каналот Санденс. Со текот на времето, фестивалот ја стекна титулата еден од најзначајните американски фестивали на независни филмови, а посетители се и голем број холивудски филмски продуценти. Всушност, Санденс е името на ликот што Редфорд го глумеше во „Буч Касиди и Санденс Кид“. Некои од најценетите современи режисери, меѓу кои се и Квентин Тарантино, Пол Томас Андерсон и Дарен Аронофски, го имале својот голем пробив на филмската сцена токму на фестивалот „Санденс“. Тој исто така е сопственик на ресторанот „Зум“, кој се наоѓа во главната улица на бившото рударско гратче Парк Сити. Во 1995 година Редфорд добива почесна докторска титула на колеџот „Бард“, а во декември 2005 година и наградата „Кенеди“ за придонес во американската култура.
Прва режија и „оскар“
Кон крајот на 1970-тите, Редфорд сѐ повеќе се интересира за продукција, но и за режија. Така, во 1980 година го режира својот прв филм „Обични луѓе“, драма што веднаш му ја донесе златната статуетка од Американската академија. Тоа го поттикнува уште повеќе да се докажува како режисер, на сметка на актерската кариера. Сепак се враќа на голема врата во филмот на Сидни Полак – „Моја Африка“. Продолжува да се занимава со продукција и режија, но сѐ до скоро не ја запостави ниту глумата.
Нетипичен холивудски заводник
И покрај репутацијата на заводник, Редфорд се одлучил за помирен живот и со првата сопруга Лола ван Вагнер, со која има три деца, бил во брак 27 години. По разводот имал врска со глумицата Соња Брага, а подоцна се запознал со германската сликарка Сибил Заграс, со која е во брак од 2009 година.
И покрај неговото негирање, таблоидите шпекулирале за некои врски со неговите партнерки: Натали Вуд и Мерил Стрип. Сепак, Мерил за време на снимањето на филмот „Моја Африка“ во Кенија, двапати ненадејно го напуштала сетот за да отпатува кај сопругот Дон Гумер и нивните деца во Њујорк. Кога колегите ја прашале од кого бега, таа одговорила: „Не сакам сосема да ја изгубам главата по Роберт“.