Бугарката Марија Бакалова е номинирана за најдобра актерка во категоријата филмска комедија или мјузикл, за наградите „златен глобус“, пренесуваат светските медиуми.
Бакалова е номинирана за нејзината улога на Тутар, ќерката на главниот лик во филмот „Борат 2“. Филмот е номиниран и за комедија на годината, а Саша Барон Коен е номиниран за најдобар актер.
Младата Бакалова е прва актерка од Бугарија номинирана за престижната награда во оваа категорија. Номинирани се и актерките Мишел Фајфер, Ања Тејлор-Џој, Кејт Хадсон и Розамунд Пајк.
Годинашната 78-ма церемонија на доделувањето на наградите „златен глобус“ ќе се одржи на 28 февруари.
Дваесет и петгодишната Марија Бакалова досега глумела во неколку филмови пред нејзиното големо деби во „Борат 2“. Меѓу нив се бугарските „Престап“, „XIIа“ и „Таткото“. Имала и една од главните улоги во филмот „Како за последен пат“ и во неколку епизоди од веб-серијата „Типично“.