Џил Бајден ја менува историјата на првата дама
Енергична, интелигентна, пријатна, полна со поддршка, пример за нејзините студенти и жени во светот и силна кога станува збор за лични трагедии – вака накратко ја опишуваат Џил Бајден, новата прва дама на САД. Оваа 67-годишна жена не е типична претставничка на нејзината генерација и затоа е пример за жената што се стремиме да бидеме. Не е поштедена од големи трагедии, но секогаш се обидува да ја најде подобрата страна на животот во сè.
Како најстара од пет сестри, Џил секогаш несвесно важела како пример за другите, а по завршувањето на средното училиште се упатила да студира моден дизајн во Пенсилванија. Сепак, брзо сфатила дека дизајнот не е за неа. По некое време се омажила за тогашното момче Бил Стивенсон и заедно се запишале на Универзитетот во Делавер. Секако, за време на студиите, тие сфатиле дека се премногу млади и дека имаат различни аспирации во животот, па се развеле пријателски.
По дипломирањето во 1975 година, Џил почнала да работи како наставничка по англиски јазик во јавните училишта, а исто така предавала и во психијатриска болница на деца што се лекувале таму.
Таа го продолжила своето образование и успешно се стекнала со две магистерски дипломи – едната во областа на читање (што е посебен предмет во американските училишта, а исто така е предмет на изучување на многу педагози), а другата од областа на англискиот јазик и литература. По петнаесет години работа во „Далавер техникал и комјунити колеџ“, се вратила на другата страна на одделот и се запишала на докторска студија од областа на образовните науки. Денес нејзините студенти ја нарекуваат Д-р Б. Сето ова го сторила со подршка од своето семејство.
Во 1975 година го запознала Џо Бајден, самохран татко на две деца. Само неколку недели откако бил избран за сенатор, неговата сопруга Неилија и едногодишната ќерка Наоми загинале во тешка сообраќајна несреќа. Другите две деца, Бо и Хантер, исто така биле во автомобилот, но преживеале. Неколку години подоцна, Џо и Џил се сретнале на „состанок на слепо“.
Секако, за двајцата било исклучително важно момчињата да ја прифатат Џил. Неколку години подоцна тие добиле ќерка, а денес имаат пет внуци.
Она што е особено интересно во нејзината приказна е дека како втора дама, за време на мандатот на Обама, кога Бајден беше потпретседател на Соединетите Американски Држави, таа ја задржа својата работа како професорка на колеџот во Северна Вирџинија, што не се случило никогаш порано во историјата.
Покрај тоа што официјално е прва дама на Соединетите Американски Држави, Џил ќе има две работни места, две паралелни кариери – таа ќе остане професорка по англиски јазик на колеџ и ќе ги извршува должностите што ќе ги има како прва дама. Ова влезе во историјата затоа што ниту една жена на претседател не работела за време на неговиот мандат. Дури и Мишел Обама привремено се откажа од својата кариера како адвокатка за време на мандатот на нејзиниот сопруг.
Со тоа, Џил испраќа исклучително силна порака до целата своја нација, па дури и до светот, за важноста на образовниот систем и инвестирањето во него.
– Ако стигнеме до Белата куќа, јас ќе продолжам да предавам. Сакам луѓето да ги ценат професорите и да го разберат нивниот придонес кон сите други професии – рече таа за време на претседателската кампања во едно интервју.
Покрај тоа, таа смета дека е исклучително важно секоја жена да има своја кариера и свој приход, а не да биде во сенка на својот сопруг и токму затоа го менува текот на историјата на претседателските двојки.
– Знам дека ако дозволам да ми го одземат тој дел, ќе бидам целосно вовлечеа во животот на Џо. Можам да имам своја работа, живот, но истовремено да работам и на задачи како прва дама. Можете да имате сè со добра организација – вели таа.
Дека тоа навистина е така, таа покажа со многубројните ангажмани надвор од работното време. Таа почна национална кампања со здружување со Мишел Обама во 2011 година, за да им помогне на ветераните што се враќаат од војната, како и на нивните жени, да најдат работа и да ја пронајдат својата цел.
Исто така во 2012 година напиша и книга за деца, наречена „Не заборавај, бог ги благословува нашите војници“, а за тоа беше инспирирана од својата внука Натали, која тешко се справуваше со фактот дека нејзиниот татко Бо е испратен во Ирак.
Откако дури на четири нејзини пријателки им беше дијагностициран рак на дојка, таа ја основа т.н. Иницијатива за здравјето на дојките на Бајден, организација што обединува научници, лекари и пациенти што е можно поуспешно да се борат против оваа малигна болест. Допрва треба да видиме што ќе стори за здравството, образованието и феминистичките проблеми во следните четири години, но, судејќи според досегашната импресивна кариера и достигнувања, Белата куќа ја чека вистинско освежување по мрачниот период.