Во својата речиси 50 години долга успешна кариера, Вучиќ сними многу песни, емисии, проекти… Работеше буквално до последниот ден, а многу нешта, за жал, ќе останат нереализирани…
По ненадејната смрт на Драган Вучиќ
Колеги, пријатели и почитувачи на познатиот македонски музичар, композитор и телевизиски водител Драган Вучиќ (65), по веста дека тој во понеделникот наутро ја загуби битката против ковид-19, по двонеделно лекување на Инфективната клиника во Скопје, на социјалните мрежи се простуваат од него со одбрани зборови и навраќање на случки што ги доживеале заедно. Речиси сите ги истакнуваат неговиот ведар дух, пријателскиот однос, помошта и поддршката што ги добивале од него.
– Само оние што добро те познаваа ја знаат твојата вистинска вредност – напишаа некои од неговите блиски, алудирајќи на некои поинакви мислења за него во јавноста.
Сепак, она што трајно ќе остане да нѐ потсетува на сето она што го направи Вучиќ во својата речиси 50 години долга успешна кариера се неговите песни, емисии, проекти, кои ги има многу, бидејќи работеше буквално до последниот ден, а многу нешта, за жал, ќе останат нереализирани.
Бидејќи потекнува од музичко семејство, татко му Mиле бил познат хармоникаш, тој уште од најмала возраст бил опкружен со музика. Одел во нижо и средно музичко училиште, каде што по обидите да свири на хармоника, виолина и на контрабас, најпосле за свој инструмент ја избрал бас-гитарата. Идол му бил Коце Икономов, со кого подоцна свири заедно. Завршува средно музичко во Торонто, Канада, а потоа три и пол години свири во Атина, Грција, во оркестарот на познатиот грчки музичар Такис Моракис. На 20 години се враќа во родното Скопје и веднаш заминува на отслужување на воениот рок во Пула, по што почнува неговиот подем во светот на музиката.
Бил дел од групите „Тавче гравче“, „Македонија“ и „Кода“, со која ја сними и популарната песна „Ника, Ника Марика“, која постигна тираж од 120.000 продадени цедиња, а подоцна настапува и соло. Има издадено седум цедиња, а на голем број носачи на звук на најпознатите балкански музичари гостува како басист и своевремено е еден од најдобрите во регионот. Интересно е дека на хитот „Липе цвату“ на групата „Бијело дугме“, кој се снимаше во Скопје, свири на тамбура, а неговиот дедо Пеце Атанасовски на гајда.
Учествува на првиот „Макфест“ во Штип, во 1986 година, со песната „Дени“, а во 1991 и 1992 година на овој фестивал ги добива и првите награди како автор за песните „Ангели ме носат“ и „Свирете ја зајди, зајди“, кои ги отпеаја „Силви бенд“ и Олгица Христовска. Следната, 1993 година на макфестовската сцена ќе прозвучи и неговата „Грешница“, а подоцна повеќе се ориентира кон народната музика и ги пишува: „Солзи сами нека пресушат“, „Никаде нема таква љубов“, „Кате, мори Като, „Кажи, ѕвездо“, кои сѐ уште се слушаат.
Вучиќ е и евровизиски учесник, од него е потпишана и песната „Make my day“, со која неговиот син Мартин Вучиќ настапи на „Евровизија 2005“ и се пласира во финалето. Од 2003 година прави пресврт и станува дел од тимот на Сител-телевизија, каде што вo 2004 г. почнува да се емитува емисијата „Вашите пет минути“, која стекнува голема популарност, а тој е нејзин автор и водител.
– Јас сакам сите луѓе во земјава да се забавуваат гледајќи телевизија, а не само таканаречената елита – велеше Вучиќ, иако многумина му замеруваа поради тоа.
Досега тој реализира многу емисии и шоу-програми речиси на сите телевизии во земјава, меѓу кои се: „Среќни коцки“, „Возење со Вучиќ“ и други, а во моментот на ТВ Телма се емитува неговиот последен проект „Гурмански муабети“, каде што гости му се познати музички ѕвезди од регионот, повеќето негови колеги и пријатели со кои соработувал.
Сепак, музиката е првата љубов на Вучиќ, она на што му го посвети поголемиот дел од својот живот и каде што до израз дојде неговиот талент за компонирање и за свирење, а секако и упорноста своите замисли да ги претвора во реалност.
Неговиот син Мартин, кој во моментот ја извршува функцијата директор на националниот ансамбл „Танец“, чиј дел биле двајцата негови дедовци, затечен од тажната вест, кратко прокоментира за медиумите дека поради пандемијата и рестриктивните мерки нема да можат со мајка му Весна, долгогодишна спикерка во Македонското радио и чувар на етнофестивалот „Долнени“, завештание од нејзиниот татко Пеце Атанасоски, да го испратат Драган како што е ред на последното патување. Но најважно од сѐ е дека Вучиќ беше омилен и сакан од семејството, од повеќето колеги, од соработниците, кон кои секогаш бил фер и коректен.
Песните „Свирете ја зајди, зајди“, „Ангели ме носат“ и многу други уште долго ќе нѐ потсетуваат на него и на сето она што го направи во неговиот богат и динамичен живот. М.Т.