Многу редок пурпурно-розов дијамант од Русија е продаден на аукција во Швајцарија за 26,6 милиони американски долари, објавува Би-би-си. Овој дијамант од 14,8 карати, наречен „Дух на розата“, е најголемиот од ваков вид продаван на аукција, бидејќи 99 отсто од розовите дијаманти имаат помалку од 10 карати.
Неговата големина, заедно со бојата и со беспрекорна внатрешна структура, ја зголемила цената на аукцијата „Сотбис“ во Женева. Името на наддавачот кој го купил не е соопштено во јавноста,пренесува Би-би-си.
Тој е еден од трите дијаманти во колекцијата на руската рударска компанија „Алроса“ и сите три се именувани според познати руски балети.
„Духот на розата“ е направен од несечен дијамант, кој бил пронајден во Русија во 2017 година. Небрусениот дијамант го доби името „Нижински“ во чест на славниот балетан и кореограф Вацлав Нижински.
Дијамантот „Розова ѕвезда“ моментно ја држи рекордната цена за розов дијамант. Тој има 59 карати и е продаден на аукција за 71 милион американски долари во Хонгконг, во април 2017 година.