Деновиве низ Скопје се одвива снимањето на документарните филмови на втората генерација „Докуникулци“ на „Македокс“, чија премиера ќе се одржи на десеттото издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, од 21 до 28 август во Скопје.
– Филмовите опфаќаат теми што се поврзани со животот на младите, како музика, автостоп и урбани приказни. Во снимањето на филмовите се вклучени 12 докуникулци – појаснуваат од „Македокс“.
Филмската работилница „Докуникулци“ е поддржана од НЕД од Вашингтон и Агенцијата за филм.
– Резултат од работата на првата генерација „Докуникулци“ на „Македокс“ беа трите кратки документарни филмови „Адолесцензура“ на Леа Димитрова, „Поглед во очите“ на Јоана Арсовска и „Поинакви“ на Розе Симоновска – додаваат од фестивалот.
Во рамките на минатогодишното издание на фестивалот „Македокс“, документарците беа прикажани и на фестивалите „Дрим шорт“ во Струга, „Слободна зона“ во Белград, во неколку средни училишта во Скопје, како и во рамките на проектот „Од 1 до 101“ на „Чекор по чекор“ во Охрид, Битола и во Скопје.