Причина се географската положба на земјата и чистиот воздух, а и фактот дека жителите на Португалија и нејзината влада покажале голема солидарност и дисциплина во придржувањето до мерките

Португалија се граничи со Шпанија, има слаб здравствен систем и голем процент на стара популација. Но земјата води во битката со коронавирусот и тоа од самиот почеток на кризата. Оваа држава има околу една десетина заболени жители од коронавирусот во споредба со една четвртина болни, колку што има соседната Шпанија, која е втора најтешко погодена држава во Европа. Стапката на смртност е над 3 отсто во Португалија, додека во Шпанија е 10 проценти, во Велика Британија изнесува 12, а во Франција 15 проценти, објави агенцијата АФП. Притоа земјата, според бројот на жители над 80 години, е на самиот врв во Европската Унија, по Италија и по Грција. Здравствениот систем се бори со недостиг од медицински персонал и со недоволно финансирање. Португалија има само 4,2 легла во интензивна нега на 100.000 лица, што е најнизок процент во ЕУ. Шпанија има 9 кревети на 100.000 лица, а Германија предничи со 30.

Чист воздух

Поради сите овие причини се очекуваше во Португалија да се повтори црното шпанско сценарио, но ситуацијата беше спротивна. Некои објаснувањата за тоа ги гледаат во чистиот воздух, а други во задолжителното вакцинирање против туберкулоза што се практикува во земјата, за разлика од соседна Шпанија. Според некои нови истражувања, државите што имале раширена практика на бесеже-вакцина денес имаат помалку критична состојба.
Но сигурно за успешното сценарио најмногу придонеле географската положба и решителните мерки на власта. Првиот случај на коронавирус во Португалија се појави на 2 март, поточно еден месец по првите случаи во Италија и во Шпанија. Тоа на Владата ѝ даде можност за процена на лошите постапки на соседите. Веќе од средината на март премиерот Антонио Коста нареди прекин на наставата, затворање на ноќните клубови, ограничена работа на баровите, рестораните и на трговските центри. Забранети беа и јавните собири, фудбалските натпревари и пристигнувањата на крузерите во пристаништата. Границата кон Шпанија исто така беше затворена.

МЦентрализиран систем

Тогаш во земјата имало 245 случаи, а Шпанија веќе имала 2.140 кога презела слични мерки. Веќе на 18 март во Португалија е прогласена вонредна состојба, со бројка од 448 случаи на заболени. Шпанија прогласила вонредна состојба три дена порано со речиси 10 пати повеќе случаи, а во Италија се затворила границата на 10 март, кога во земјата имало над 9.000 заразени.
Централниот систем на власт овозможил брзо преземање на мерките во целата држава, додека во другите европски земји, како Германија и Италија, мерките се преземале на регионално ниво. Истовремено, португалските мерки за изолација останале поблаги. Фабриките и градилиштата останале отворени, на граѓаните им е дозволено секојдневно вежбање и одење во трговските центри и во аптеките.

Сепак, повеќе остануваат во домовите. Истражувањето на јавното мислење покажува дека 51 отсто од Португалците го напуштаат живеалиштето само еднаш неделно, па и поретко. Жителите на Португалија и нејзината влада покажале голема солидарност и дисциплина. Во интервјуто Коста рекол дека Португалците од почетокот на кризата „сфатиле дека седењето дома е најдобар начин на кој можат да се поддржат здравствените работници“.
– Би требало да ја славиме огромната самодисциплина што ја покажаа луѓето – изјавил тој.
За разлика од Шпанија и од Италија, Коста овој пат не морал да се бори со опозицијата. И челникот на опозицискиот блок Руи Рио ветил поддршка на социјалистичката влада во сузбивањето на вирусот.

Слобода

Најголем доказ за солидарноста е покажан на 31 март кога Владата на сите баратели на азил им ги овозможила сите граѓански права, за да им обезбеди пристап до здравствена заштита и до социјална сигурност. Тоа е радикално поинаков пристап од забраната за имиграција на американскиот претседател Доналд Трамп, во траење од 60 дена.
На слобода привремено биле пуштени околу 10 отсто затвореници за да се избегне ширење на коронавирусот во затворите. Португалија во моментот има нешто над 22.000 заразени и 820 смртни случаи, а опасноста од зараза е меѓу најниските во Европа.

Економија

Наспроти поволните бројки, претседателот Антонио Коста не размислува за ублажување на мерките за изолација, за да го олесни економскиот притисок. Министерот за финансии Марио Чентено вели дека со секој месец неработење буџетот на стопанството се намалува за 6 отсто.
– Политичарите мораат да водат сметка нивните желби да не ги надминат научните и егзистенцијалните – вели Коста.
Вонредната состојба во Португалија е продолжена до 1 мај.