Научниците со помош на методот на проточна цитометрија може да детектираат повеќе типови антитела што не се гледаат во други студии.
Ново истражување покажа дека некои антитела што настануваат во борба против настинката исто така го неутрализираат коронавирусот што го предизвикува ковид-19. Студија спроведена на повеќе од 300 испитаници што не биле заболени од ковид-19 открива дека околу пет проценти од возрасните имаат такви антитела. Од друга страна, кај испитаниците на возраст под 16 години, тој процент достигнува дури 44 проценти. Научниците во моментов не можат да објаснат зошто присуството на такви антитела се разликува кај возрасни и деца. Студијата, спроведена на УЦЛ (Јуниверзити колеџ Лондон) и институтот „Франсис Крик“, проучуваше антитела во примероци од крв земени пред пандемијата на коронавирусот, помеѓу 2011 и 2018 година. За споредба на примероците од крв, професорот Питер Опеншоу од колеџот „Империјал“ во Лондон, кој не бил вклучен во студијата, тврди дека научниците користеле метод на проточна цитометрија што може да открие типови антитела што не се гледаат во други студии.
Додека работеле на ова откритие, научниците користеле многу чувствителни тестови за антитела за ковид-19. За да откријат колку се добри нивните тестови, тие ја споредиле крвта на пациенти со ковид-19 и со крвта на пациенти што не биле заболени од оваа болест. Откриле дека некои луѓе што не биле изложени на коронавирус имале антитела во крвта што би го препознале вирусот.
Последователните тестови откриле дека 16 од 302 возрасни лица (5,3 проценти) имале вкрстени вирусни антитела, но во детската група, од 48 испитаници, 21 субјект (43,8 проценти) имале такви антитела. Во примероци од крв земени од 50 бремени жени во мај 2018 година, пет од нив (10 проценти) имале вкрстени реактивни антитела. Се смета дека антителата се формирале по инфекција со обична настинка, што сама по себе е еден вид коронавирус.
– Нашите резултати покажуваат дека децата имаат поголема веројатност да имаат вкрстени реактивни антитела отколку возрасните. Потребни се повеќе истражувања за да се разбере зошто е тоа така, но може да се сведе на фактот дека децата почесто се изложени на други коронавируси – изјави водечкиот автор на студијата, Кевин Нг.
Доктор Џулијан Танг од Универзитетот во Лестер изјави дека не е изненаден од резултатите.
– Децата се повеќе изложени на сезонски коронавируси отколку возрасните, само затоа што се многу помлади и нивниот имунолошки систем е подобро подготвен да се справи со новиот коронавирус – вели тој.