Некои веруваат дека движечката сила на Сасексови за донесување на одлука да го напуштат кралското семејство е една истражувачка статија која тврди дека Меган Маркл, наводно, го споредила кралскиот живот на оној на „државен службеник со тијара“, пишува „Експрес“.
Меган и принцот Хари ги изненадија своите обожаватели кога ја објавија својата одлука да се повлечат од кралските обврски и права во јануари. Со нивната одлука, наводно, се продлабочија недоразбирања помеѓу Сасексите и остатокот од кралското семејство, бидејќи Хари се оддалечил од неговиот стар семеен живот. Додека некои тврдат дека станува збор за шок, други пак веруваат дека нивната одлука била навестувана многу месеци.
Кралската писателка Ешли Пирсон во разговор за „Маркет воч“ уште во јануари истакна зошто верува дека Меган е катализатор за нивната одлука да ги напуштат кралските обврски.
– Таа немаше идеја колку е негламурозно навистина да се биде дел од кралското семејство и кога откри дека ќе биде државен службеник со тијара, таа заклучила дека тоа не доаѓа предвид во никој случај – објаснува Пирсон.
Се знаеше дека Меган имаше интерес за политиката пред да се приклучи на кралското семејство. На пример, таа еднаш ги изрази своите размислувања во врска со тогашниот претседателски кандидат Доналд Трамп и го нарече „мизогинист“ и „непријатен “.
Таа била и поддржувач за решавање на климатските промени како и на правата на жените.
Сепак, како што истакнал писателот Том МекТeјг за „Атлантик“ уште во јануари, овие теми не се аполитички.
– Друг проблем што се чини дека парот не го разбира е нивната желба да бидат прогресивни, но навидум, без контроверзи и критики кои произлегуваат од заземање став за прашања од јавен интерес – посочил МекТејг.
Всушност, не е јасно дали Хари и Меган сфаќаат дека прогресивноста не е аполитички чин, според писателот.
– Овие теми, за кои парот го изразил своето мислење, доаѓаат со приложени реални, важни и политички прашања – смета МекТијг.
Тој посочува дека за секое прашање, како на пример, кој треба да дејствува за решавање на проблемите и што треба да се стори, тие немаат „универзално усогласени одговори, тие се политички“.
Како дел од кралското семејство се очекува да бидат политички неутрални, па не е изненадувачки што Меган, наводно, се чувствувала фрустрирано.
Дописникот за кралското семејство на Би-би-си Џони Дајмонд во јануари извести дека војвотката од Сасекс „не сакаше да стане безгласна фигура“.
Како и да е, самата Бакингемска палата расправаше за споредби помеѓу политички неутрални кралски и државни службеници во минатото.
– Имаше различни идеи за тие да преземат работа во странство, како што е генералниот гувернер на Австралија или Канада – пишуваше „Сандеј тајмс“.
Сепак Бакингемската палата ги отфрли овие идеи затоа што „членовите на кралското семејство не се државни службеници“.
По нивното објавување за „мегзит“, некои тврдеа дека Сасексите ќе се обидат да ги следат стапките на лидерите како што се поранешниот претседател Барак Обама и неговата сопруга, поранешната прва дама Мишел Обама. И двајцата ја водат фондацијата „Обама“, отворено ги кажуваат своите политички ставови и ја користеа својата слава за да промовираат каузи во кои веруваат.
Поранешната веб-страница на Меган и Хари, „Сасекс Ројал“, редовно се споредуваше со онаа на семејството Обама, бидејќи тие се залагаат за проактивност за подобрување на светот.
– Една од причините што се одделија од кралското семејство е, делумно, затоа што тие сакаат да изградат сопствен бренд – додава Пирсон.
Иако Меган и Хари мораа да се откажат од „Сасекс Ројал“ како бренд, јасно е дека тие имаат намера да го користат својот нов проект „Арчивел“ за слична намена, спроведување на „светски промени“.