Ставање чинии во долната усна, правење лузни на телото и сурово борење со стапови – тоа се ритуали што далечното племе Сури со години ги практикува на планините на југозападна Етиопија. Големиот број племиња долината на реката Омо ја нарекуваат свој дом. Секој од нив ги негува своите специфичности и обичаи, од кои многу се многу болни и сурови. Племето Сури е едно од племињата што, и покрај забраните на етиопската влада, ги одржува своите сурови ритуали. Еден од нив е донга – борба со стапови, чиј краен резултат понекогаш може да биде и смрт.
Шпанскиот фотограф Хавиер Гил Табиос, кој поминал седум дена со членовите на ова племе, успеал да сними неверојатни моменти од оваа битка.
Борбата со стапови е всушност борба за невестата. Донгата е традиционален начин на кој мажите се обидуваат да ги импресионираат жените од нивното племе. Тие се борат со малку или без облека, што ги прави ударите поболни.
Етиопската влада ги забрани борбите со стапови уште во 1994 година, но сепак традицијата е задржана, а Хавиер преку своите фотографии нѐ носи во рингот.
И болните ритуали не запираат тука. Имаат и необичен ритуал што означува крај на детството во племето Сури.
Кога девојчињата од племето се на работ на зрелоста, ритуално се вадат два долни заби за да се направи мала дупка во долната усна. Потоа се вметнува голем глинен диск, а усната се зголемува и растегнува со текот на времето.
Непишаното правило е – колку е поголема плочата, толку е поубава девојката. Кога ќе дојде време за брак, таткото на девојчето може да побара од семејството на нејзиниот иден сопруг подароци во зависност од големината на глинениот диск. Во просек, за девојче со мал диск во долната усна се плаќаат 40 крави, додека за оние со голем диск може да достигне и 60.
Кравите се многу важни во ова племе и обезбедуваат статус. Тие не само што се извор на млеко и крв туку се и извор на трговско богатство. Просечен маж поседува меѓу 30 и 40 крави, а за да се ожени треба да му подари околу 60 крави на семејството на неговата идна сопруга.
Мажите, пак, учествуваат во помалку болен ритуал – сликање на телото. Основната боја е направена од трева и растенија измешани со земја, кои потоа се нанесуваат на телото, а шарите се цртаат со гребење.