Фосилни остатоци од изумрен слон од пред околу осум милиони години се откриени во близина на неготинско Долни Дисан. Според првичните согледувања, најверојатно станува збор за остатоци од околу 50-годишно животно, тешко околу 10 тони.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски денеска го посети локалитетот и изјави дека се работи за голем палеонтолошки наод, што го открија во меѓусебна соработка научниците од Природонаучниот музеј на Македонија и нивните соработници од Бугарија.
– Македонија има неколку исклучително ретки наоди и ова е едно од поспектакуларните откритија. Тоа ја сместува Македонија и на палеонтолошката мапа на Европа и светот и драго ми е што ние имаме капацитет вакви наоди, прво научно да ги истражиме, а потоа да ги ставиме на увид на јавноста, со што нашите музеи, особено специфичноста на Природонаучниот музеј, добива на значење – нагласи министерот за култура.
Билјана Гаревска од Природонаучниот музеј од Скопје појасни дека станува збор за фосилен остаток на еден од предците на слоновите.
– Станува збор за род што е општо познат кај нас во Македонија и во Европа, меѓутоа интересно е тоа што првпат наоѓаме повеќе коски од истиот вид на исто место. Се работи за две коски од екстремитети и катници. Катникот ни дава можност да дознаеме за староста и возраста на животното и останати коски кои дополнително ќе треба да ги доизвадиме. Пронајдокот е од пред осум милиони години, според геолошката карта – рече Гаревска.
Задоволство од откритието изрази и Николај Спасов, професор на Бугарската академија на науките и директор на Националниот природоначуен музеј при Бугарската академија.
– Тука е едно од најинтересните палеонтолошки откритија од доцниот миоцен на Македонија од времето на т.н. фауна, кога природата на Балканот била многу поблиску до далечната африканска фауна отколку сегашната. Се радуваме бидејќи ја направивме првата експедиција на Музејот на Македонија и на Националниот Природонаучен музеј на Бугарија при БАНУ и горд сум што успеавме да го направиме ова. Се радувам дека ќе работиме заедно – рече Спасов. Додаде дека овој вид на истражување има не само локална важност туку и за сите учесници во истражувањето во оваа област.
Методија Велевски, в.д. директор на Природонаучниот музеј нагласи дека идејата е до крајот на годината овој наод да биде изложен во постојаната изложба на Природонаучниот музеј.
– Тоа не е ни малку лесна работа. Материјалот е многу ронлив и ќе биде потребно многу време да се состават повторно тие фрагменти, да се заштитат, да се подготви практично презентација и промоција на овој настан – додаде Велевски.
Во тек се палеонтолошките ископувања од страна на експерти за колекционирање и конзервирање на пронајдените фосилни остатоци.
Палеонтолошки екипи од Природонаучниот музеј на Македонија и Природонаучниот музеј во Софија, од 20 април 2018 година започнаа со ископување на фосилни остатоци од изумрен вид на слон (Choerolophodon pantelici). Фосилните остатоци беа откриени при заедничката теренска работа кај селото Долни Дисан во 2017 година. Досега откриените коски укажуваат дека се работи за зачуван значаен дел од скелетот на слонот. Според мислењето на стручниот тим, се работи за наод со големо научно значење.
Фосилни остатоци од овој вид на слон се најдени на повеќе локалитети во Македонија и ширум Евроазија, но комплетен скелет од ова животно досега не и е познат на науката. Ова го прави наодот уникатен во светски рамки, затоа што ќе одговори на повеќе прашања за изгледот и начинот на живот на овој предок на денешните слонови.