Битолската група „Боеми“ одбележува 30 години
Наместо голем јубилеен концерт, „Боеми“ еден месец ќе пеат во разни битолски ресторани, кафулиња и дискотеки, и на тој начин ќе ја споделат радоста со своите поддржувачи и обожаватели сите овие изминати години
Младите генерации битолчани, за жал, немаат среќа да ги почувствуваат убавините на боемскиот живот во Битола, кој полека згаснува, но една музичка група остана верна не само на своето име, „Боеми“, туку и на својата боемска песна и боемски начин на живот во градот на конзулите.
Групата „Боеми“ во изминатите три децении им ги разубави највеселите денови и ноќи на голем број битолчани. Нејзините членови ни самите не знаат на колку родендени, свадби, свечености, слави, прослави, седенки, свиреле. Деновиве во битолскиот ресторан „Грне“, „Боеми“ го најавија одбележувањето на својот голем јубилеј – 30 години музичка кариера.
Иако тие со песната „Старо друштво“ ја почнаа својата музичка кариера, сепак, останаа вечно млади, постојано позитивни, весели и насмеани. А таквото свое расположение на најдобар начин умеат да им го пренесуваат на сите што ги слушаат и пеат нивните песни. Инаку, дружбата на првите музичари од овој познат битолски состав почнала уште кога биле младинци, кога свиреле во мандолинскиот оркестар при КУД „Стив Наумов“. Сите биле од различни краеви на Битола, учеле во различни училишта, но ги споила музиката, сличниот карактер и сфаќањето на музиката, па и на животот.
– Секогаш кога оркестарот ќе имаше некоја турнеја, ние го понесевме товарот на дружбата. Ќе ја земевме гитарата и се редеа песни. Почнавме скромно во 1989 г. и скоро цела година бевме без име. И еден наш пријател што сега е во Австралија, Димо, предложи да се викаме боеми, зашто тој најдобро не знаеше какви сме по карактер и по душа. Оттаму излезе и името „Боеми“ – вели Тони Панов, познат како Панса.
Години наназад групата упорно ја негува староградската песна, трудејќи се да остави нешто автентично за себе, нешто што ќе остане како трајно богатство.
Учествувале на многу фестивали, имаат многу добиено повеќе награди и признанија, оствариле голем број контакти со публиката, реализирале многу концерти и свирки во живо, во земјава и секаде каде што живеат Македонци.
– За да се опстане 30 години потребно е многу работа, но и меѓусебно почитување. Да, имаме разлика во години меѓу членовите на групата и од 25 години, но сите мислиме исто и на ист начин ја сфаќаме музиката и песната – вели Тони.
Покрај песната, членовите на „Боеми“ ги обединува и една иста филозофија на животот. Никој од нив не бил заробеник на парите. Велат дека за нив материјалното богатство е релативна работа и таквата филозофија ги одржа толку години заедно.
– Парите никогаш не ни биле целта во животот. За тоа најдобра потврда е фактот што сме откажувале свирки само да одиме да се дружиме на некој фестивал, каде не сме учествувале со песна – велат битолскиот „Боеми“.
На нивниот репертоар има песни од Петар Георгиев Калица, Милко Лозановски, Валентин Соклевски, браќата Неќак, Михајло Бандевски, Никола Мицевски и други битолски автори, како и од многу други еминентни автори од земјава. Нивните бисери, кои го положија тестот на времето, „Ратке“, „Лична Стано“, „Старо друштво“, „Ако одам во Битола“, ретко кој не ги знае не само во Битола, туку и во цела Македонија, па и пошироко, бидејќи за песната нема граници.
Велат најубаво се чувствуваат кога се дома, пред својата публика, а настапите на фестивалот „Серенада на Широк сокак“ во родната Битола, имаат посебно место во нивните сеќавања.
Боемите никогаш не им робувале на стандардите. Напротив, велат дека настојувале секогаш да бидат свои, препознатливи, не само по песните, туку и по дружбите. Во таков стил тие ќе го одбележат својот јубилеј – 30 години постоење. Наместо голем јубилеен концерт „Боеми“ еден месец ќе пеат во разни битолски ресторани, кафулиња и дискотеки… На тој начин членовите на групата имаат намера да ја споделат радоста со своите поддржувачи и обожаватели, сите овие изминати години.