Бил Гејтс упати комплименти кон компанијата „Тесла“ за електрификацијата на автомобилската индустрија, но доколку очекуваше возвранти комплименти од извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, тој веројатно не требаше да зборува за предизвиците кои престојат или за неговото ново „порше“, пишува „Блумберг“.
Гејтс, кој е коосновач на корпорацијата „Мајкрософт“, минатата недела разговараше со влијателен јутуб-инфлуенсер за предизвиците за намалувањето на емисијата на штетните гасови. Тој ја посочи автомобилската индустрија како „еден од најуспешните сектори“ кои преземаат активности во овој поглед.
– Ако треба да именувате една компанија што помогна да се возат електрични возила, тоа е „Тесла“ – кажа Гејтс во интевју со јутјуберот Маркес Браунли.
Тогаш Гејтс разговараше за неодамна купениот електричен автомобил „порше тајкан“. Тој го нарече електричниот спортски автомобил „многу, многу кул“. Цената на првичните модели „турбо С“ започнува од 185.000 американски долари.
Тој додаде дека потрошувачите сепак треба да ги надминат негативните аспекти на електричните автомобили, кои моментно нудат ограничен опсег и им треба повеќе време за полнење. Автомобилите на гориво можат да возат подолго со кратко полнење на резервоарите.
Кога еден од обожавателите на „Тесла“ објави на Твитер дека е разочаран од одлуката на Гејтс да купи „тајкан“ наместо „тесла“, Маск на твитер напиша „да бидам искрен, моите разговори со Гејтс беа разочарувачки“.