Нула отпад е концепт на живеење што се темели на принципите на одржлив развој и циркуларна економија. Андријана Папиќ Манчева се залага за промена на домашните потрошувачки навики за да се фрла што е можно помалку ѓубре. Таа наедно е креатор на иницијативата „Од нула до нула“.
– Нула отпад во практика не значи буквално нула. Тоа, пред сè, е така бидејќи живееме во линеарна економија, која гледа профит во сè, а за да има профит, нештата треба побрзо да се расипуваат и да нема корист да се поправаат само за да може да се купат нови. Линеарната економија функционира според принципот „искористи – произведи – фрли“, па сè додека ова не се смени, ограничените ресурси ќе ни стануваат уште поограничени, работничките и човековите права ќе се прекршуваат на секој чекор, а ѓубре ќе има, и тоа во изобилство – истакна Андријана.
Со концептот нула отпад се запознала пред пет години, кога ја прочитала „Дом со нула отпад“ од Беа Џонсон.
– Оваа книга толку ме освести што решив да ја преведам, за да имаме вакво четиво достапно и кај нас. Беа Џонсон, која се смета за пионерка на современото движење за нула отпад, зборува за т.н. пет златни правила што неминовно поттикнуваат на преиспитување на личните потрошувачки навики и нашата поврзаност со материјалното и придонесуваат за намалување на бројот на ќесињата ѓубре што ги фрламе – вели таа.
Петте правила се:
1. Речи „не“ или не прифаќај го она што не ти треба. Зошто би земале, на пример, визит-картичка, леток или гратис токсичен омекнувач за алишта? Или потврда за салдото од банкоматот?
2. Редуцирај го или намали го она што ти треба. На пример, обувки, книги, играчки, модни додатоци, украсни предмети за домот, средства за чистење, балони што никогаш нема да се распаднат. А особено зависноста од брзата мода, месните и млечните производи и автомобилот.
3. Реупотреби го/пренамени го она што веќе го имаш. Тоа подразбира пазарење со торби, ќесиња и садови што веќе ги имаме, и замена на предметите за една употреба со предмети за повеќекратна употреба (метален наместо пластичен брич, реупотребливи менструални влошки наместо оние за една употреба). Во практиката ова значи и позајмување на она што нам или на друг му треба и поправање пред да се купи на ново, која е поентата да купиме бормашина ако ни треба во исклучителни ситуации, а знаеме дека соседот има.
4. Рециклирај. Рециклирањето, односно селектирањето на отпадот е дури четврти чекор. Кај нас и натаму се смета за најодржлива „зелена“ навика, а практиката покажува дека рециклирањето е мит. Имено, во светот се рециклира исклучително низок процент на селектиран отпад, а горењето не е рециклирање. Единствени материјали што може да се рециклираат безброј пати се стаклото и алуминиумот.
5. Последниот чекор е компостирањето. Дури една третина од комуналниот отпад отпаѓа на органскиот отпад. Кога би се селектирал, би можеле да го претвориме во компост и да ѝ вратиме на природата барем дел од ресурсите што сме ги користеле.
Во фокусот на движењето за нула отпад денес се поединците, потрошувачите – иако првично нула отпадот бил воведен како индустриски концепт, што е и пологично.
– Кога производителите би размислувале – или би биле обврзани да размислуваат – што ќе се случи со нивниот производ или амбалажа откако ќе бидат искористени (односно, кога би тргнувале од нивниот еколошки отпечаток), понудата на пазарот би била многу поинаква и наместо сегашната линеарна, би имале циркуларна економија – економија што секојпат ја има предвид животната средина. Ама така капитализмот не би можел да опстане – категорична е Андријана.
Според количеството и видот на ѓубрето, кое секојдневно го гледаме наоколу, овој концепт не се практикува многу.
– Што не значи дека не се практикува воопшто – едноставно, за да биде видлива промената, однесувањето треба да биде масовно. Затоа, откако ја преведов книгата, решив да тргнам од себе и да видам од прва рака колку е возможно ваквото живеење во практиката. Системска едукација, односно воведување структурирани содржини во формалното образование би било многу поефективно на долг рок од иницијативи на поединци – изјавува таа.
Од досегашната нејзина интеракција вели дека луѓето најчесто бараат одговор за тоа каде нештото може да се најде рефус, односно без амбалажа и што се случува со селектираниот отпад. Ние, граѓаните, не рециклираме – ние само селектираме и, за жал, не знаеме каде точно се рециклира отпадот што е селектиран во Македонија, ниту во што се претвора. Оти наспроти раширеното верување, од пластичното шише фрлено во жолтиот контејнер, не се добива ново пластично шише, вели таа.
– Зошто очекуваме свест од граѓаните, а не од креаторите и донесувачите на одлуките и од производителите? Зошто очекуваме граѓаните да користат помалку пластични ќесиња, а имаме правилник за употреба на пластични ќесиња, кој го поткопува постојниот закон, се разбира, не во наш интерес? Зошто државата дозволува на рафтовите да имаме производи – храна, средства за чистење, козметика (дури и таа за бебиња и деца) – што се токсични и што несомнено влијаат и врз нашето здравје и врз нашата животна средина? Една од клучните причини за целокупниот колапс што го доживуваме како општество е немањето чувство на припадност, немањето желба да се направи ова парче земја подобро место за живеење – истакнува Манчева.