Во изминатите сезони на „Мое село“ гледачите сфатија дека оваа наша земја е прекрасна и изобилува со убавини и природни богатства какви што нема во соседството и пошироко, вели Јосимовски
Томче Јосимовски, промотор на рурална Македонија
Томче Јосимовски е дипломиран машински инженер, во моментот подготвува магистратура, но исто така негова голема љубов е работата во медиумите, а најдолго се задржал на телевизија. Неодамна почна да се емитува петтата сезона од неговата телевизиска серија „Мое село“, која се емитува на ТВ Сител.
Како почна вашата телевизиска приказна?
– Таа почна кога бев апсолвент на Машинскиот факултет во Скопје. Имав желба да одам на апсолвентска екскурзија, но моите родители не беа во можност да го платат патувањето, па одлучив да побарам некаква работа. Но вистинскиот почеток беше кога имав 16 години, тогаш бев дел од филмската работилница „ЕдВуд“ и првпат се запознав со работата со камера, научив што е сценарио, фотографија, видеомонтажа и актерска игра. Таму го стекнав основното знаење за светот на медиумите, филмот, телевизијата, а потоа видиците се прошируваа и јас сѐ повеќе навлегував во овој магичен свет. Меѓу првите го посетив селото Таринци, од каде што потекнува мајка ми, каде што договорите за снимање и организацијата ги направија моите тетки и братучеди. По неколку години, „Мое село“ стана препознатлив бренд за презентација и промоција на селските средини и животот во нив низ цела Македонија.
По што ќе ја паметите првата, а по што последната снимена емисија?
– Првото село што го посетив беше Новаци, Битолско, благодарение на личното познанство со бившиот градоначалник Лазо Котевски, а последното село каде што снимавме беше Ораовица, Радовишко. Добив препорака од Димче од Ораовица, кој се понуди да биде мој домаќин. Разлика во работата на почетокот и сега речиси нема, бидејќи начинот на функционирање е ист, како и пристапот. Секогаш им се обраќам на луѓето искрено и тие знаат дека за да се направи добра емисија, прво јас треба да го доживеам селото, а потоа впечатоците на најдобар начин да ги презентирам преку објективот на камерата.
Што нема никогаш да заборавите од изминатите четири сезони? Имаше ли интересни случки и анегдоти?
– Со секое поминато село мојата љубов кон Македонија сѐ повеќе расте и не верувам дека тоа некогаш ќе се смени. Секогаш кога сум на терен се чувствувам убаво, бидејќи имам можност тој ден да поминам убави часови во место во кое не сум бил дотогаш. Една од анегдотите е што бев фасциниран од магарињата и сакав да се обидам да јавам на магаре во едно од првите снимани села, но обидот беше неуспешен. Меѓутоа, сега, по четири сезони и посетени и промовирани 200 села, можам да кажам дека успеав да јавам на магаре неколкупати, еднаш на коњ, да управувам со жнеалки, вршалки, комбајни, трактори, кајчиња, бротчиња, речиси со сѐ што постои или се користи од механизација на село.
Дали, според вас, нашиот народ доволно ја познава својата земја?
– Не ја познаваме доволно Македонија, не ги знаеме основните информации, а капацитетите и благодатите на нашата татковина не се искористени ни 20 отсто. Мора повеќе да се работи на промоцијата на она што го имаме, а пред сѐ со тоа да се запознаат младите, а секако и повозрасните жители. Сите треба да ја видат вистинската слика за нашата земја, да се уверат дека Македонија е прекрасно место за живеење.
Веројатно една од вашите цели е да се привлече вниманието на јавноста кон селата, кои, за жал, се сѐ попусти и попразни?
– Не е точно дека селата ни се празни и ненаселени. Ако е така, каде ги снимив емисиите во изминатите четири сезони? Освен тоа, моето единствено правило е: ненаселени и пусти села не снимам. Не дека ги нема, но нивната бројка е мала. Во Македонија има голем број живи села, започнувајќи со население од 50 до 6.000 жители. На почетокот идејата беше да се направи презентација на Македонија, а преку нејзините села и селски средини луѓето низ земјата да се запознаат со нејзините убавини. Целта полека се остварува, бидејќи гледачите сфатија дека оваа наша земја е прекрасна и изобилува со убавини и природни богатства какви што нема во соседството и пошироко.
Секое место има посебна енергија, приказна за интересни луѓе, објекти, легенди… Има ли некое што ви остави посебен впечаток?
– Секако дека има. Ќе ги издвојам: Куратица, Негорци, Стар Дојран, Николиќ, Цер, Смилево, Ореше, Велмевци, Слепче (Демирхисарско), Вељуса, Ресава, Робово, Оровица, Стајковци, Крупиште, Станица Зелениково, Крњево, Беловиште, Лешок, Доброште, Теарце, Долни Дисан, Стојаково, Катланово, Петровец, Радање, Карбинци, Таринци, Зрновци, Лески, Смолари, Мокрино…. Сите се прекрасни места што вреди да се посетат поради посебните луѓето што живеат во нив, прекрасната природа и опкружување, вкусните специјалитети и, секако, природните убавини. Секое од овие места ќе ви одземе по еден ден најмалку да го запознаете, да ги откриете неговите тајни, да се одморите малку и да се вратите во вашиот дом одморени и полни со енергија. За „почетници“ препорачувам задолжително да се посетат: Зрновци, Куратица, Лешок, Беловиште, Вељуса, Негорци, Смилево, Цер, Слепче, Робово, Смолари… Со нивното запознавање, ќе започнете една голема авантура низ Македонија што нема да престане никогаш!