Филмската легенда Ален Делон наполни 85 години
Познатиот француски и светски глумец Ален Делон, еден од најголемите заводници на филмското платно, бунтовникот од париските улици, во неделата наполни 85 години. Делон играл во стотина филма, триесетина продуцирал, а велат и дека спиел со 1.000 жени.
Овој шармантен француски глумец дебитирал на филмското платно во 1957 година, а набрзо станал еден од најатрактивните и најамбициозни млади француски актери. Првата забележана улога ја одиграл во филмот „Во
зенитот на сонцето“, а светска слава стекна во 1960 година со улогата во филмот „Роко и неговите браќа“ на Висконти. По овој успех го ангажираат и во Холивуд. Други негови познати филмови се: „Гепард“, „Самурај“, „Господин Клајн“, „Базен“ и многу други. Познат е и по дуетот со Далида во песната „Parole, Parole“.
Споредба со Џемс Дин
Споредбата со Џемс Дин, по прераната смрт на најблескавата холивудска ѕвезда, за Ален Делон била ласкаво признание. Кога целата приказна за Делон се набљудува од денешна перспектива, тој бил икона на стилот, препознатлив по ноншалантноста. Класичен маж во деценијата на екстравагантните хипици, глумец поблизок до светот на улицата, бизнисмените и криминалците отколку до интелектуалната елита и уметничките кругови.
Бил дете на разведени родители, често го бркале од училиште поради проблематично однесување, а извесен период минал и во затвор. Работел како келнер, портир, месар и разнесувач на весници, но бил и доброволец во француската војска, која го испратила на боиштето во Индокина. Ова богато животно искуство што го стекнал пред да наполни 20 години, Делон го имплементирал во светот на глумата и филмот, каде што се снашол исклучително добро.
– Најдобро од сѐ правам три нешта: својата работа, глупости и деца. Се помирив со својата физиономија дури откако на големиот екран се појави еден од моите најпознати филмови „Базен“. Имав 33 години и тогаш одеднаш сфатив: возраст на Христос, душа на самурај и изглед на љубовник. Тоа е мојата контрадикција и наедно адут за успех во професијата – изјавил во една пригода Делон.
Во центарот на повеќе скандали
Кон крајот на 1968 година Ален Делон се нашол во центарот на голем скандал поврзан со убиството на неговиот телохранител Стеван Марковиќ, што предизвикало голема политичка афера, која со месеци ја потресувала Франција. Тогаш глумецот ги признал своите врски со подземјето, но бил ослободен од вината, за што се заложил и Шарл де Гол лично. Телото на Марковиќ било пронајдено во контејнер пред куќата на Делон во Париз, а според овој настан писателот Душан Савковиќ во 1970-тите го напиша и бестселерот „Горила“.
Аферата не ѝ наштетила на неговата кариера, дури улогите во криминалистичките филмови, во кои сѐ почесто настапувал, за публиката имале печат на веродостојност, па затоа биле уште поинтересни.
Преголема харизма за бунтовник без причина
Убавиот изглед, неодоливата харизма и мистериозноста на неговиот приватен живот го дефинирале Ален Делон како зрел глумец што го надраснал имиџот на бунтовник без причина. Станал институција во светот на филмот и на многумина им одржал лекција дека само оние што ултимативно одбиваат да бидат што било друго од она што се, полесно го расчистуваат својот пат до успехот.
Добитникот на наградата „Цезар“, француско национално филмско признание за најдобар глумец во 1985 година, детството го памети како бедно и по родителите што се сетиле дека имаат син дури откако зачекорил по патеката на славата. Во една пригода, Делон објаснил дека како четиригодишник завршил во хранителско семејство. Никогаш не им го простил тоа, како ни фактот дека го потпишале документот со кој кога имал 17 години отишол да се бори во Индокина, како припадник на француската армија.
Жените го обожаваа
Прва голема љубов на овој заводник била Роми Шнајдер. Нивната врска траела четири години, од 1959 до 1964, и биле двојка за која сите зборувале. Роми била подготвена да се откаже од сѐ само да биде со него. Но набрзо по свршувачката ѝ пратил писмо во кое пишувало: „Збогум, ти ја враќам твојата слобода“, по што таа се обидела да се самоубие. Потоа заминал со Натали Делон во Мексико. Се венчале на 13 август 1963 година, а синот Ентони е роден во септември. По три години Натали побарала развод, но живееле под ист покрив до 1969 година.
Освен Ентони, Делон има уште три деца: Анушка и Ален Делон Помладиот, кои ги добил со Розали, како и Кристијан, чија мајка е Нико. По бракот со Натали, 15 години бил во врска со француската глумица Мирел Дарк. Многу години подоцна изјавил дека му било жал што не се оженил со Роми Шнајдер.
Ален Делон не се појавил во јавноста од добивањето на почесната „златна палма“ на 72-от Меѓународен фестивал во Кан. Лани во август доби мозочен удар, но според лекарите, неговата здравствена состојба сега е добра.