Нивото на морињата и океаните на планетата се зголемува побрзо од предвиденото и може да се зголеми за повеќе од еден метар до крајот на овој век, доколку нема намалување на емисиите на стакленички гасови, покажаа резултатите од најновото истражување, во кое учествуваа повеќе од стотина експерти.
Врз основа на новите откритија за чувствителноста на климата и топењето на мразот во поларните региони, експертите велат дека градовите во крајбрежните области треба да бидат подготвени за пораст на нивото на морињата, што, како што посочуваат, би можело да се зголеми за пет метри до 2300 година, односно тоа е порано од она што го предвидоа Обединетите нации, пишува „Гардијан“.
– Глобалниот пораст на нивото на морињата од неколку метри би погодил многу крајбрежни градови, како што се Мајами, Њујорк, Александрија, Венеција или Бангкок, а некои од тие градови поради тоа можеби ќе треба да бидат и целосно напуштени, затоа што нема да можат да се одбранат – вели еден германски експерт.
Како што наведува „Гардијан“, според најлошото сценарио, што подразбира зголемување на емисијата на стакленички гасови и глобален пораст на температурата од 4,5 Целзиусови степени во однос на прединдустриското време, нивото на морињата до 2100 година ќе се искачи од 0,6 до 1,3 метар во однос на сегашното ниво, така што стотици милиони луѓе би можеле да останат без своите домови.
За споредба, ако човештвото успее да ги намали емисиите на јаглерод диоксид и зголемувањето на температурата да го задржи на два Целзиусови степени, порастот на нивото на морињата би бил поднослив половина метар.