Излезе од печат новата книга „Македонски политички новоговор – од осамостојувањето до денес“ од писателот, сатиричар и афористичар Сашо Бетоски. Авторот на свој специфичен начин го објаснува политичкиот новоговор од осамостојувањето до денес. Според него, ова дело најмногу ќе им биде од корист на политичарите за време на периодот што следува, предизборието.

– Новоговорот е јазик на немите посматрачи на сѐ што ни се случува изминативе три децении и токму затоа на секоја од над 200 страници од книгата има по едно „ќе“, само ставено на различно место. Можеби звучи малку апсурдно, но се планира и англиска верзија. Како што најавив, првите три примероци ќе ги добијат претседателот на државата, премиерот и лидерот на опозицијата – објаснува Бетоски.
Деновиве и тој, како и милиони луѓе на планетава, времето го минува со семејството во својот дом во Вевчани. Но за Бетоски хуморот во време на пандемијата на коронавирусот е еден вид ментална терапија пропишана од матичните афористичари.
– Придржувајте се кон нашите препораки, седете во вашите домови и читајте македонски хумор. Со тоа спречувате ширење на коронавирусот.

Во период кога политичарите се на принуден одмор, инспирирани од новонастанатата ситуација со која одлично се справуваме, можам да кажам дека коронавирусот со сигурност ќе зарази помалку луѓе отколку политиката – порачува Сашо. 


Афоризми против коронизми

– Не купувајте квасец и без него короната се шири.
– Седи дома и чувај ја фамилијата, за да не ти седат дома и да те чуваат со фамилијата.
– Во Македонија за време на коронавирусот најмногу се купува тоалетна хартија, затоа објаснете му на Македонецот дека здравјето не доаѓа од газот.
– Квасец има, ама ракијата е при крај. Менувам квасец за ракија!