Креации, наследство, моќ, неверство… Вака накратко би изгледало она што нè очекува во новиот филм „Гучи“, кој ќе отвори прозорец кон светот на тајните на семејството Гучи, сопственикот на познатата модна империја.
Според претходните информации, Ридли Скот особено внимание ќе посвети на убиството на Маурицио Гучи, за кое е обвинета неговата поранешна сопруга Патриша Реџани. Кога станува збор за сценариото, задолжен е Роберто Бентивенја, а неговото дело ќе се базира на романот на Сара Геј Форденизи од 2001 година, „Куќата на Гучи: сензационална приказна за убиството, лудилото, гламурот и алчноста“.
Режисерот е и продуцент, но вклучени се и неговата сопруга и Кевин Волш. Ридли Скот собра одличен тим, во кој членуваат Џереми Ајронс, Џеред Лето, Ал Пачино, Лејди Гага и Адам Драјвер. Интересно е што улогата на Родолфо Гучи првично требаше да ја игра Роберт де Ниро, но на крајот таа му припадна на Ајронс.
По долги години преговори, улогата на Патриша Реџани ѝ беше доверена на Лејди Гага. Ова е можност пејачката да нѐ убеди уште еднаш во својот талент за глума, по успешната улога во филмот „Ѕвездата е родена“.
Овој пат ќе ја видиме како најпозната вдовица, додека нејзиниот партнер ќе го игра Адам Драјвер.
Не случајно премиерата на филмот „Гучи“ ќе се одржи во текот на 2021 година. Имено, оваа година се одбележуваат 100 години од основањето на оваа модна куќа, а сè започна со производство на кожени ракотворби во центарот на Фиренца.
Гучо Гучи го развиваше бизнисот сè додека не ги доби облиците што ги познаваме денес. Иако сè е неизвесно поради сегашната пандемија, снимањето е закажано за овој и следниот месец, симболично во Милано и во Фиренца, каде што почна сè.