Според нутриционистите, за детоксикација на организмот најважна е зелената боја – зелен зеленчук и зелена глина, кои се одлични чистачи на штетните материи

Повеќето од нас од средината на ноември до средината на јануари си дозволуваат од 5 до 10 свечени оброци (некои дури стигнуваат и до 15 ручеци и вечери). За тоа време се полниме со калории, алкохол, кофеин и вдишуваме свој или туѓ чад од цигари, а освен тоа ги намалуваме и физичките активности. Но кога ќе поминат празниците, заклучно со Водици, по 19 јануари, ќе почнеме да се прашуваме „што сега“.

Поради сите овие нездрави навики и консумирањето нездрава храна, доаѓа до натрупување на мрсни наслаги и зголемување на бројот на слободни радикали во нашиот организам.

Според нутриционистите, за детоксикација на организмот е најважна зелената боја – зелен зеленчук и зелена глина, кои се одлични чистачи на штетните материи.

– На одењето на слави, имендени и други прослави мора да му претходи и мала подготовка. Од дома треба да тргнете полусити, а тоа значи да изедете некоја салата, на пример од зелка. Бидејќи обично на менито има мрсна храна, добро е да се испие пробиотик, медицински јаглен, јаболков или вински оцет, за да се зачува цревната флора. Тоа е важно бидејќи разните видови месо, тестата, мајонезите, не се варат во исто време – велат нутриционистите.

Според познавачите на здравиот начин на исхрана, за да го вратите телото во топ-форма по празниците, треба да пиете до два литра вода или други течности (чај од кантарион, нане, зелен чај, цеден сок од лимон и портокал, со ѓумбир, кој е одличен за чистење на организмот).

Ви нудиме неколку совети за промена на режимот на исхрана по празниците.

Диети
Ригорозна диета, особено краткотрајна, нема многу да ви помогне, бидејќи ќе го исцрпите организмот и ќе го натерате своето тело да ѝ се спротивстави на наглата промена, така што засилено ќе ги чува стекнатите калории и натрупаното сало.
Препорачуваме диета на подолги патеки, намален внес на калории, помало консумирање мрсна (калорична) храна и помали количества алкохолни пијалаци.
Оброците треба да бидат почести и помали. Јадете повеќе овошје и зеленчук и пијте повеќе сокови и чаеви. Пијте млеко или јогурт за да ги разблажите или уништите внесените нездрави состојки.

Алкохол
Намалете го внесот на алкохолни пијалаци или заборавете на нив извесно време. Пијте слабо газирана минерална вода, за да ги разблажите сите штетни состојки што сте ги консумирале во текот на прославите.

Прошетки
Намалете го престојот во затворени и зачадени простории. Шетајте на чист воздух (парк, шума, во природа…), за да го детоксицирате телото од чадот и смогот.

Спиење
По празниците, обидете се порано да си легнувате, а понекогаш и попладне да дремнете, бидејќи сонот е едно од најдобрите средства за намалување на стресот и закрепнување на организмот.

Масажа
Масажата ќе ви помогне да се ослободите од тензијата и напнатоста, а исто така и да ја забрзате циркулацијата, што секако ќе придонесе за побрзо враќање на организмот во форма.

Што подоцна?
Наведените совети би требало да ги применувате и по празниците. За добро здравје, неопходно е себеси постојано да си повторуваме: помалку мрсна храна, слатки, алкохол и газирани напивки, а што повеќе овошје и зеленчук. Консумирајте храна со влакна (мешунки и интегрални житарки), риба, костенливо овошје, повеќе течност и практикувајте умерени физички активности.


Предлог-мени за чистење на организмот

Утринските оброци мора да бидат лесни и без маснотии, путер, павлака и млеко. Здрав појадок подразбира овошје, житарки, мед и интегрален леб.
За ручек можете да си сварите компир, но во лушпа, бидејќи таа содржи најмногу витамини. Може да се додаде и некој друг зеленчук, со малку сол, но без масло. Кога можете, зеленчукот јадете го суров. Зеленчукот, особено зелениот, содржи магнезиум, кој му е неопходен на организмот. Тука спаѓаат спанаќот, кељот, копривата, блитвата. И рибата доаѓа предвид, но варена или печена.
Доколку можете, прескокнете ја вечерата или направете си витамински густ сок, со многу малку калории.
За поттикнување на работата на цревата најдобри се: оревите, лешниците, гравот, пченицата, интегралните житарки.
По славите не се чистат само желудникот и цревата туку и бубрезите. Одлични чистачи се ѓумбирот, коренот од бел слез, копривата, магдоносот и каранфилчето.