Осумгодишниот Корона де Врис од Голд Коуст во Квинсленд, Австралија, им пишал на холивудската ѕвезда Том Хенкс и на неговата сопруга Рита Вилсон откако беше утврдено дека се позитивни на тестовите за ковид-19 и поминале повеќе од две недели во карантин, пренесува „Гардијан“.
Том Хенкс испратил писмо и машина за пишување марка „Корона“ до австралиското момче кое му напишало дека е задевано поради неговото име Корона.
Момчето му напишало на Хенкс „слушнав за вестите дека вие и вашата сопруга го фативте коронавирусот. Дали сте добро?”.
Во писмото момчето напишало дека го сака своето име, но децата на училиште го нарекувале коронавирус, поради што е „тажен и лут“.
„Твоето писмо, мене и мојата сопруга ни направи да се чувствуваме прекрасно!“ одговорил Хенкс во писмото напишано на машината за пишување што ја испратил во Голд Коуст, заедно со писмото, до момчето.
– Знаете, вие сте единствената личност за која знам дека го има името Корона, како прстенот околу сонцето, круна – му напишал на момчето двократниот добитник на „оскар“.
– Мислев дека оваа машина за пишување ќе ви одговара. Прашај возрасен како работи и искористи ја за да ми напишеш повратно писмо – напишал Хенкс додавајќи своерачно „П.С. Ме имаш за пријател!“.