Кучињата и нивните сопственици го делат ризикот од дијабетес
Ако кучето страда од дијабетес, постои зголемен ризик и неговиот сопственик да го има, покажа новото истражување на шведските и британските научници.
Резултатот од студијата не е целосно изненадување, бидејќи претходните истражувања покажаа дека сопствениците што имаат прекумерна тежина имаат поголеми шанси да имаат дебели кучиња, веројатно поради нивниот заеднички неактивен начин на живот. Научниците потсетуваат дека дебелината го зголемува ризикот од развој на дијабетес тип 2, болест што е во пораст во светот, што е потврдено од податоците на Светската здравствена организација.
За потребите на студијата, објавена во Британското медицинско списание (БМЈ), најпрво биле користени податоци од ветеринарната база на податоци за да се идентификуваат сопствениците на кучиња и мачки во Шведска, а потоа во Шведскиот национален регистар на пациенти биле пронајдени оние сопственици со дијабетес тип 2. Здравјето на нивните миленици било проверено по полисите за ветеринарно осигурување.
Се покажало дека сопствениците на кучиња со дијабетес се за 38 проценти поподложни на развој на дијабетес тип 2, во споредба со сопствениците на кучиња што немаат дијабетес. Тука важи и обратното. Кучињата чии сопственици страдаат од дијабетес имаат 28 проценти поголема веројатност дека самите ќе заболат од оваа болест. Меѓутоа, научниците не откриле таква врска помеѓу мачките и нивните сопственици.