Во нашата земја најдобри услови за кајтинг има напролет и наесен, поради тоа што тогаш ги има потребните ветрови за да се практикува овој спорт
Кајтсурфингот е спорт на вода, каде што опремата е составена од крило односно кајтот, контролен бар, седиште и вејк или сурф-штица. Покрај тоа што овој спорт е на вода, за да се практикува е потребен ветер, кој ќе овoзможи крилото да се држи во воздух, а кајтерот да развие определена брзина и да плови по површината на водата. Принципот на користење на ветерот кај кајтингот е многу сличен со принципот на функционирањето на виндсурфот.
– Во нашата земја најдобри услови има напролет и наесен, поради тоа што тогаш ги има потребните ветрови за да се практикува овој спорт. Тогаш воздушната температура не е многу висока и тоа дозволува воздухот да не биде загреан и да му овозможи на ветрот да пенетрира хоризонтално – објаснува Борјан Јованоски, кајт-инструктор.
Во Македонија поволни услови за овој спорт има на Охридско и Преспанско Езеро, како и на езерото Мантово во околината на Штип. А едни од најпознатите и најдобри дестинации за кајтинг во светот се места како Занзибар и Кејптаун во Африка.
– Кај нас немаме идеални услови за практикување на овој спорт, но сепак имаме можности за негов развој, бидејќи нашите езера се обиколени со планини и долини од различен тип, кои не дозволуваат многу често да имаме соодветни ветрови. Најдобри услови за овој спорт има на приморските региони, каде што ветрот е стабилен и ламинарен – додава Борјан.
Според неговото искуство, најдобри услови за кајтинг во нашата држава имаме на Преспанско Езеро, големите и широки плажи овозможуваат безбедни услови за тренинг, најпрвин за оние што сакаат да почнат да се занимаваат со овој спорт.
– Според досегашните искуства, во текот на годината таму најмногу пати се добива оној идеален ветер што е потребен, додека пак за кајтинг на другите езера е потребно поголемо искуство, кое е потребно поради инфраструктурата за кајтинг на самото место, како што се тесни плажи за полетување на кајтот, ветер во офшор-насока – објаснува Јованоски.
Во овој спорт може да се пронајдат сите што се занимаваат со скијање и бордање бидејќи принципот на глисирање на штицата над водата е многу сличен со начинот на функционирање на скиите и штиците за снег, како и сите љубители на водните и адреналинските спортови. Кај нас има околу четириесет активни кајтери, а академијата „Кајтспортс.мк“ нуди обука за сите заинтересирани.