Изборот за „Песна на Евровизија“, што по 65. пат требаше во мај да се одржи во Ротердам, Холандија, се откажува, поради пандемијата на коронавирусот во Европа и во светот.
По тој повод се огласи организаторот на овој престижен музички натпревар Европската унија за радиодифузија – ЕБУ со официјално соопштение.
– Со жалење објавуваме дека се откажува „Евровизизија 2020“, што требаше да се одржи во мај во Ротердам, Холандија. Во текот на изминатите неколку недели, разгледувавме многу алтернативни опции за да овозможиме „Евровизија“ сепак да се одржи, но неизвесноста создадена со ширењето на коронавирусот низ цела Европа и ограничувањата за движење што ги прогласија владите на учесниците, ја поттикна Европската унија за радиодифузија (ЕБУ) да ја донесе оваа тешка одлука. Здравјето на уметниците, персоналот, фановите и посетителите, како и состојбата во Холандија, во Европа и светот, беа клучни за донесувањето на оваа одлука. Ние сме многу горди што евровизискиот натпревар ја обединува Европа, но и целиот свет контиуирано 64 години, и ние, како и милиони евровизиски поддржувачи ширум светот, сме многу тажни што овој престижен фестивал нема да се одржи во мај, како што беше планирано – се вели меѓу другото во соопштението.
Се огласи и Јон Ола Санд, извршен супервизор на ЕБУ.
– Сите сме длабоко разочарани од оваа ситуација. ЕБУ заедно со домаќинот радиодифузер НПО, НОС, АВРОТРОС и Градот Ротердам ќе продолжат да разговараат за да видат дали е можно да се изведе натпреварот за песна на „Евровизија“ во Ротердам во 2021 година. Би сакал да им се заблагодарам на сите што се вклучија во процесот на организирање на натпреварот за песна на „Евровизија“ оваа година. За жал, тоа не беше можно поради фактори кои се вон наша контрола. Ние жалиме многу за оваа ситуација, но можам да ви ветам: Евровизискиот натпревар ќе се врати посилен од кога било – вели Јон Ола Санд.
За претседателката на НПО, Шула Риксман оваа одлука на ЕБУ била неизбежна.
– Со оглед на околностите што во моментот ја погодуваат цела Европа, како резултат на коронавирусот и сите мерки што владите сега мора да ги преземат, оваа одлука моравме да ја донесеме. Ова е големо разочарување за холандската публика, фантастично екипа зад сцената, презентерите и за уметниците. Во последните месеци, голема група луѓе работеа напорно. Ние им се заблагодаруваме за нивната голема посветеност и жалиме што резултатите од напорите нема да бидат видливи. Особено би сакале да ја спомнеме општината Ротердам, која се покажа како идеален партнер во овој проект изминатата година – изјави Шула Рискман.
Македонски претставник на годинашната „Евровизија“ требаше да биде Васил Гарванлиев со песната „Yоu“. М.Т.