Ќе наброиме неколку филмски наслови што го подобруваат расположението и придонесуваат да гледате оптимистички на животот и на светот околу вас, наспроти песимизмот на времето во кое живееме.
„Скриени фигури“
Малку позната, вистинита приказна за три математичарки, Афроамериканки, што НАСА ги ангажирала како дополнителна помош во екот на вселенската трка, во текот на 1960-тите години. Тие, патем, тивко го кршеле патријархалниот систем на оваа институција и нејзината расна сегрегација. Филмот потсетува на големиот национален срам на американската историја, но во прв план ги става позитивните работи.
„Големиот добродушен џин“
Адаптација на омилениот детски роман во режија на Стивен Спилберг. Овој филм е паметен и инвентивен и нѐ запознава со симпатичниот џин, кој секое дете би го посакало за најдобар другар. Го игра оскаровецот Марк Рајланс, а шармантната Руби Барнхил ја игра неговата другарка Софи.
„Дедпул“
Ако ви здодеале филмови за суперхерои, ова е нешто сосема поинакво. Дедпул е ироничен, експлозивен и полн со рафални шеги. Да, тој е суперхерој, но и малку безобразен, си ја сака својата девојка, но има желба и да направи понекое добро дело. Притоа, овој филм го третира ракот на еден доста отворен и неочекуван начин за еден холивудски блокбастер.
„Апсолутно фантастични“
Филмска верзија на познатата хумористична серија, која нема амбиции да стане голем филм, но ќе ви ја врати насмевката на лицето. Оваа апсурдна фарса со Џенифер Сондерс и со Џоана Ламли, како неразделни модни жртви е ода за бескомпромисниот хедонизам, но и искрена приказна за едно вистинско пријателство.
„Добри момци“
Рајан Гослинг и Расел Кроу играат приватни детективи во Лос Анџелес, во 1970-тите. Тие се здружуваат да ја решат мистериозната смрт на една порноѕвезда. Филмот истовремено е насилен, смешен и многу забавен, особено во сцените во кои Расел и Рајан се расправаат меѓу себе.
„Лав“
Филмот се заснова на мемоарите на еден дечко, кој е посвоен како дете, но се враќа во Индија да го најде своето загубено семејство, со помош на апликација на „Гугл ерт“. Дев Пател и Никол Кидман ги играат главните улоги во оваа топла, трогателна приказна за едно лично патување и за семејните вредности.
„Распеани улици“
Заплетот на оваа ирска музичка комедија е едноставен: Конор е тинејџер од Даблин, кој основа рок-бенд со надеж дека со тоа ќе ја восхити својата симпатија и ќе избега од лошиот семеен живот. Филмот е полн со оптимизам, а и музиката е одлична. Дури и да не сте љубител на музички филмови, дајте му шанса на овој, пријатно ќе ве изненади.
„Кралицата од Катве“
Вистинита приказна за една црномуреста жена што успеала во животот, наспроти сите пречки. Оваа приказна за младата шампионка во шах од Уганда, Фиона Мутеси, режисерката Мира Нир ја обои со феминистички бои, градејќи ја врз традиционалната формула на спортски филм. На крајот, филмот блеска од позитивна енергија и среќа стекната на тежок начин.
„Љубов и пријателство“
Филмот е адаптација на романот „Леди Сузан“ на Џејн Остин. Кејт Бекинсејл ја игра леди Сузан Вернон, манипулативна заводничка, која е подготвена да направи практично сѐ за да го добие мажот што го сака. За една костимирана драма филмот е изненадувачки духовит и имате чувство дека и самите ликови се свесни колку нивните потези се смешни и бесмислени.
„Флоренс Фостер Џенкинс“
Приказна за Флоренс, њујоршка богата наследничка што сонувала да стане оперска пејачка, иако имала ужасен глас и немала слух. Мерил Стрип и Хју Грант брилираат како брачна двојка „на хартија“.