Брз подем и стрмоглав пад, доза одмазда, трошка љубомора и сето тоа зачинето со ладнокрвно убиство е кинематографски рецепт што сите ќе ги закова за филмските платна. И додека сите желно очекуваат да го погледнат филмот на Ридли Скот, ова е хронолошката вистина за италијанското семејство Гучи.
Историјата на славната голема фамилија почнува со името Гучио Гучи. Тој е роден во Фиренца во 1881 година, во скромно семејство. Неговиот татко по струка бил кожар, но Гучио Гучи не сакал да го наследи семејниот бизнис, па отпатувал во Лондон и во Париз. Таму работел сѐ и сешто за да преживее – миел садови, бил келнер и рецепционер. Во престижниот лондонски хотел „Савој“ управувал со електричниот лифт, што во тоа време била пожелна работа, бидејќи со него се возеле многу познати личности, како Моне, Черчил и Мерилин Монро. Токму луксузните куфери и багаж на познатите го инспирирале Гучи. Имено, кога се вратил во Тоскана, прво работел во компанија што се занимавала со изработка на рачни торби за патување, а кога заработил доволно пари, во 1921 година ја основал модната куќа „Гучи“, која била далеку од она што е денес. Во тоа време, таа имала една занаетчиска работилница во која биле вработени неколку одлични работници. Во работилницата во римската трговска улица Виа Кондоти можеле да се купат фамозните кожени мокасини со златни кругови, првпат дизајнирани во 1932 г., а како што поминувало времето, тие станале едни од најпопуларните чевли на сите времиња.
Неслога во семејството – Модното царство на Гучи заедно со нивниот татко го граделе неговите синови: Алдо, Хуго, Васко и Родолфо, како и ќерката Грималда. Секој сакал да го види бизнисот на свој начин, па така од семејниот бизнис се повлекле Хуго, Васко и Грималда, а целата компанија се нашла во рацете на Алдо и Родолфо. Синот на Гучи, Алдо, го претставил материјалот што наскоро ќе стане заштитен знак на целата куќа – свинска кожа. Токму во тој период е направена првата чанта со дршка од бамбус, инспирирана од обликот на коњско седло. Во 1951 г., Родолфо ја отворил првата продавница во Милано. Во тоа време, зелено-црвено-зелената мрежа станала заштитен знак на компанијата. Алдо Гучи во 1953 г. отворил прва продавница во САД, во хотелот „Савој плаза“ во Њујорк, а само 15 дена по нејзиното отворање, големиот Гучи починал. По пропаднатата актерска кариера, Родолфо се вратил во Италија, а Алдо станал големо име во модната индустрија.
Кобна грешка и неславен крај на синовите Гучи – Алдо направил фатална грешка со лансирањето на колекцијата „Гучи аксесорис“, која вклучувала приврзоци, запалки и пенкала со логото „двојно Г“. Така исчезнал имиџот на недостапен луксуз, но и милионите од банковните сметки. Проблемот станува уште поголем кога помалиот син на Алдо, Паоло, посакал да пушти уште една евтина линија додатоци „Гучи плус“. Секако, Алдо таа идеја ја отфрлил, а Паоло му подготвувал одмазда. На еден од состаноците дошол со скриен касетофон и успеал да ги сними разговорите, по што американското обвинителство подигнало обвинение против Алдо Гучи и тој бил осуден на една година затвор. Во 1983 г. умира неговиот брат Родолфо и својот дел до 50 отсто му го остава на синот Маурицио. Паоло, сфаќајќи што се случува, подигнал обвинение и против него, обвинувајќи го за фалсификување на документите, само за да го приграби богатството. Со оглед на тоа дека не успеале да ја добијат битката со Маурицио, Алдо и неговите синови својот дел ѝ го продале на арапската инвестициска банка Инвесткорп.
Сам на чело на разнишаното царство – Маурицио така се нашол сам на врвот, но вистинската приказна допрва почнува. Во модното царство „Гучи“ доаѓа харизматичниот и искусен дизајнер Том Форд, кога компанијата била на работ на банкрот. Неговата прва колекција била фокусирана на гламурот на богатите и постигнала успех кај критичарите, но и комерцијален успех. Додека компанијата на чело со Форд остварувала значајни резултати, Маурицио почнал да живее со љубовницата Паулина Франачи. Згрозена од начинот на кој нејзиниот сопруг ја водел компанијата и кога дознала дека ја изневерува, Патрициа Реџани одлучила да ги земе работите во свои раце.
Жена го уништува царството – Патрициа отворено зборувала дека сака да го убие Маурицио. Џузепина Ауриема, бившата сопственичка на компанијата, го пронашла некогашниот механичар Бенедето Керауло, кој пукал во Гучи. Четвртиот во оваа смртоносна сплетка бил Орацио Сикало, бивш управник на пицерија и тврдокорен коцкар, кој му послужил како возач на платениот убиец. По убиството на Маурицио, Патрициа и нејзините ќерки се преселиле во елегантен стан, од кој претходно ја исфрлила последната љубовница на Маурицио. На 31 јануари 1997 г., таа ѝ се предала на полицијата. Кога дошле да ја уапсат, на себе имала еден куп злато, долго палто од канадска куна и торба „гучи“. Во ноември 1998 г. е осудена на казна затвор од 29 години, што подоцна била намалена на 26. Од затворот излегла во 2016 г., осум години порано, „поради добро однесување“.