Двајца пратеници во шведскиот парламент ја номинираа младата активистка за заштита на животната средина, Грета Тунберг за Нобелова награда за мир за 2020 година, објави АП.
Пратениците од левицата Јенс Холм и Хакан Свенелинг изјавија дека шведската тинејџерка напорно работела за да им ги отвори очите на политичарите пред климатската криза и дека нејзината борба за почитување на Парискиот договор, исто така, претставува придонес кон мирот.
Номинацијата за Нобелова награда за мир може да ја поднесат пратеници од сите парламенти, а кога станува збор за Грета Тунберг, тоа лани го направија тројца парламентарци од Норвешка, но нивниот предлог не беше усвоен. Тунберг лани беше прогласена за „Личност на годината“ во традиционалниот избор на „Тајм“.
Номинациите за годинешната Нобелова награда за мир можеа да бидат доставени до 1 февруари, а Нобеловиот комитет никогаш не ги коментира.