Градината Роуз на Белата куќа е средена и подготвена токму кога вниманието на американската јавност е свртено на претседателските кампањи на Доналд Трамп и на Џо Бајден, пренесува „Асошиејтед прес“.
Првата дама Меланија Трамп утре ќе одржи говор на националната конвенција на Републиканската партија од градината, која се наоѓа во близина на Овалната канцеларија. Обновата на градината според оригиналниот дизајн од 1962 година, траеше три седмици, а новинарите први ќе ја имаат честа да ја видат.
Претставници на Белата куќа соопштија дека реновирањето е платено од приватни донации и одбија да откријат колкави се трошоците.
Локацијата на говорот на првата дама претставува своевидно прекршување на политичките прописи во САД. Федералните прописи забрануваат Белата куќа да биде место за експлицитно политички настани, регулатива која многу претходни претседатели не ја почитувале.
Но, семејството Трамп ќе биде првото што ќе го искористи извршниот дом за политичка конвенција. Покрај обраќањето на првата дама, претседателот Доналд Трамп ќе го одржи својот говор в четврток навечер, од бината на „Јужниот тревник“ на Белата куќа поставена викендов.
Ружите во градината се претежно пастелни, кои и се омилени на првата дама, вклучително и високите бели рози, насадени во чест на првата посета на Белата куќа на папата Јован Павле Втори во 1979 година. Поткастрените дрвја сега се во дијамантски облика, додека околу десетина други дрвја се отстранети и ќе бидат засадени на друго место во градината.
Покрај овие промени, местото за собирање и седење од источната страна на градината кое било користено од страна на претседателите за ручек и за други состаноци нема да постои и ќе биде заменето со сè уште необјавена уметничка инсталација.
Најочигледно зачудувачката промена во градината беше додавање на патека за пешачење која граничи со централниот тревник. Помалку забележителни промени се направени со подобрена дренажа и инфраструктура, што и овозможува на градината да е подостапна за лицата со посебни потреби. Аудиовизуелни, радиодифузни и други технички поправки беа исто така дел од реновирањето.