Витаминот Ц е веројатно еден од најчесто консумираните додатоци, но нутриционистите тврдат дека нема потреба да се зема на овој начин, затоа што се наоѓа во многу намирници, така што мали се шанси да имате недостиг

За време на пандемија на коронавирусот, повеќето од нас се посветени многу повеќе на зајакнување на имунитетот отколку вообичаено. Но нутриционистите советуваат консултација со доктор или нутриционист пред да се земат одредени додатоци.

Железо
Не земајте додатоци на железо самостојно, без препорака на лекар!
– Додатоците на железо се пропишуваат за одредени медицински состојби, но се користат внимателно, затоа што може да имаат непријатни и несакани ефекти, вклучувајќи и вознемиреност во стомакот и запек – вели диететичарката и нутриционистка Џинџер Халтин.
Таа истакнува дека прекумерното внесување железо може да доведе до состојба наречена хемохроматоза, која предизвикува промени во срцевиот ритам, како и цироза на црниот дроб.
– Овој додаток се зема само кога е потребно, во дози препорачани од доктор. Без препорака на лекар, она што можете да го направите за да го зголемите внесувањето храна е преку природен извор на железо, како што се спанаќ, леќа, грав, темно чоколадо и говедско и пилешко месо.

Витамин А
Овој витамин игра многу важна улога во имунолошкиот систем, но исто така е важен и за видот. Но нутриционистот Ариел Левитан вели дека нема потреба да земате додатоци. Витаминот А се наоѓа во многу видови храна, вклучувајќи овошје и зеленчук, а и многу други намирници се збогатени со него. Тоа е витамин растворлив во масти, па дури и ако не го внесувате многу, сè што ќе внесете ќе остане во масните клетки долго време.

Витамин Ц
Витаминот Ц е веројатно еден од најчесто консумираните додатоци, но диететичарката Џен Лавардер тврди дека нема потреба да се зема на овој начин, затоа што се наоѓа во многу намирници, така што има малку шанси да имате недостиг.
Нашето тело не може да складира витамин Ц. Тоа значи дека сè што внесувате во текот на дневната доза, телото едноставно го елиминира преку урината, не го чува за подоцна. Диететичарката исто така предупредува дека ако внесете повеќе од 2.000 мг, може да очекувате несакани ефекти, како што се дијареја, гадење, повраќање, главоболки и грчеви. Ако јадете неколку порции овошје и зеленчук на ден, веројатно примате доволно витамин Ц. Препорачаната дневна доза за жени е 75 мг, а за мажи 90 мг.

Мултивитамини
Мултивитамините се дефинитивно додаток број еден за кој луѓето се убедени дека им требаат, вели нутриционистката Џени Бурк. Таа посочува дека овој додаток може да им биде потребен на луѓето што страдаат од коронавирус, целијачна болест или некои други болести што влијаат на апсорпција на хранливи материи, а на другите воопшто не им треба. Бурк објаснува дека некои витамини и минерали се натпреваруваат за апсорпција во организмот, па затоа кога ќе се земат во една пилула, телото нема да ги користи сите. На пример, железото се натпреварува за апсорпција со калциум, магнезиум и цинк.
– Ако не јадете доволно добро, најдоброто нешто што можете да направите е постепено да го промените тоа и да направите тестови за да утврдите дали имате дефицит од одреден витамин – советува Бурк.

Витамин Д2
Двете главни групи на витамин Д се Д2 и Д3. Витаминот Д3 се апсорбира преку кожата кога е изложена на сонце, а витаминот Д2 го произведуваат растенијата и телото не го апсорбира толку ефикасно.
– Додатоците на витамин Д3 се генерално поквалитетни, а оваа група се зема поради недостиг. Но никогаш не земајте го без консултација со лекар, затоа што витаминот Д е растворлив во масти, па ако се акумулира премногу во организмот, може да биде опасно – предупредува нутриционистката Мирна Шарафедин.