Сепак кај нас оваа тема сѐ уште е табу. Ретко која идна мајка продолжува со вежбање во бременоста, ретки, речиси непостојни се групите за вежбање за трудници, а и многу од докторите се скептици околу ова прашање. Исклучок прават само инструкторите што се нафаќаат да работат со посебни случаи, односно со индивидуални трудници во веќе постојните групи

Вежбањето за време на бременост ги редуцира отоците, надуеноста, помага во варењето на храната, овозможува добро функционирање на бубрезите, ја подобрува циркулацијата, го спречува гестацискиот дијабетес, ја зголемува енергијата, го подобрува расположението, влијае на држењето на телото, поттикнува мускулен тонус, сила и издржливост, го подобрува сонот, го олеснува породувањето и помага за брзо враќање во форма по породувањето.

Бенефициите од вежбањето за трудниците се големи, секако, доколку се констатира нормална бременост, без можност за ризици.
Сепак кај нас оваа тема сѐ уште е табу. Ретко која идна мајка продолжува со вежбање во бременоста, ретки, речиси непостојни се групите за вежбање за трудници, а и многу од докторите се скептици околу ова прашање. Исклучок прават само инструкторите што се нафаќаат да работат со посебни случаи, односно индивидуални трудници во веќе постојните групи.
Драгана Младеновска Колева, сопственичка и аеробик и пилатес-инструкторка во студиото „Фитлајф“, од своето досегашно искуство вели дека мал број жени во бременоста продолжуваат да вежбаат.

– Бременоста сѐ почесто се перципира како патолошка состојба и најчесто идните мајки се плашат да бидат физички активни. Сепак, има и позитивни примери на жени, кои останале активни до последен ден. За да се подигне свеста за тоа дека физичката активност во бременоста не е контраиндицирана, треба да се направат соодветни кампањи што ќе промовираат здрава и активна бременост, која ќе им даде сигурност на идните мајки дека вежбањето во бременоста може да им даде само позитивни ефекти – вели Драгана.
Таа констатира дека благодарение на вежбањето не ја ни почувствувала својата бременост.

– Сите 9 месеци бев максимално физички активна, вежбав 6 дена во неделата и имав енергија и на друг да му дадам, немав никакви отоци, никаква задршка на течности, имав нормален крвен притисок, нормален шеќер, перфектна крвна слика со нормално железо и хемоглобин и немав никакви проблеми со констипација. На крајот си добив здраво бебе и се вратив од болница дури 2 килограми полесна од претходно. Стрии немам, а тонусот на стомакот ми се врати во некоја нормала по 7-10 дена, а по еден месец целосно. Вежбањето, но и здравата исхрана ми помогнаа многу за да ги надминам сите труднички тешкотии и да застанам на нозе, подготвена за тренинг само месец дена по породувањето. Позитивната енергија и тоа како се чувствуваме е нешто што и нашето бебе го чувствува, тоа му го пренесуваме уште додека расте во нас, но и потоа – вели Драгана.

Од нејзиното досегашно искуство многу трудници се плашат да вежбаат.
– Оние мајки што цел живот се активни и имале активен живот пред бременоста, не треба ни да размислуваат дали да вежбаат или не. Секако дека е најдобро тие да продолжат да бидат физички активни, ако станува збор за нормална бременост без патологии. Оние што не биле активни претходно можат да се активираат, со умерени и приспособени вежби за трудници. Што се однесува до интересот, има интерес и некои дури продолжуваат да вежбаат во стандардните групи, со што им нагласуваме кои вежби смеат, а кои не би требало да ги прават. Планираме нашето студио од септември да го збогатиме и со една специјализирана група, која ќе биде баш за трудници – сподели Драгана.

Елена Бубало Михајловска, тренерка за групни и персонални тренинзи по програмата позната како вежби за целото тело (тотал боди воркаут), вели дека свеста за вежбање за време на бременоста најмногу е развиена кај оние идни мајки што вежбале до почетокот на бременоста, за сите други е табу-тема.
– Бременоста не е хендикеп, тоа е нова состојба на телото, според која треба да сме послушни, но не и да лежиме 9 месеци, нормално со исклучоци на различни бремености и состојби каде што тоа е задолжително мирување, а морам да кажам дека такви има во голем број. Инаку, секако, дека се препорачува вежбање, но треба да се знаат моменталната и претходната состојба на трудницата. Па според тоа се одлучува за можноста за вежбање, која да се напомене не е за слабеење туку заради други придобивки како што е намалување на болките во грбот, кои нормално се јавуваат заради тежината, а со вежбањето се зацврстува мускулатурата на грбот што е многу важно за третото тримесечје од бременоста. За време на бременоста може да се појави запек, а со вежбањето се намалува ризикот од негова појава бидејќи вежбањето ја забрзува перисталтиката на цревата. Има помала можност за лошење и повраќање, а повеќе енергија во текот на денот, подобро расположение и подобар сон, што е многу важно. Едноставно ќе бидете во добра форма за време на бременоста со тонизирани и обликувани мускули и полесно ќе ви биде враќањето на телото што сте го имале по породувањето. Мене дополнително ми помогна да имам полесно природно породување – вели Елена.

Многу е важно да се нагласи дека вежбите се модифицираат и се со намален интензитет.
– Во моите групни и персонални тренинзи, скоро сите идни мајки продолжуваат да вежбаат и за тоа сум многу среќна. Засега има посебни групи за трудници само во јога-клубовите. Познавам и пилатес-тренери што немаат можеби посебна група, но работат со доста трудници. Во врска со кросфит-групите засега нема потреба. Тоа е млад спорт кај нас во кој не тренираат многу жени. Но во иднина сигурно ќе има потреба бидејќи расте бројот – додава Бубало.

Таа вежбала во текот на целата своја бременост. Вежбањето ѝ помогнало да не ги почувствува тешкотиите што обично се јавуваат во бременоста.
– Вежбав 5 пати неделно, бев весела, насмеана, не ми можеа ништо хормоните, кои беа на високо ниво. Затоа на сите што имаат можност, желба, со консултација на нивниот матичен гинеколог, им препорачувам да вежбаат затоа што може да им биде само подобро. Мора да се внимава, но не е невозможно и забрането. И да напоменам дека се хранев здраво и избалансирано и за време на бременоста и по породувањето. Стравот за млекото и исхраната уште е присутен, секој одлучува за себе, ама сигурно обилна и неправилна исхрана нема да продуцира повеќе млеко. Напротив, добриот сон и одмор се поважни, тука татковците треба да помогнат – истакна Елена.


Вториот триместар најдобар за физичка активност

Вежбањето во бременоста може многу да го олесни целиот процес, и психички и физички.
– Многу идни мајки сакаат да вежбаат за да не се здебелат, но искрено тоа треба да им е последниот мотив, другите позитивни ефекти се многу посилни и позначајни. Убавата енергија, леснотијата и здравствените бенефиции, кои ги добиваат и мајката и бебето, би требало да бидат најголемата мотивација. Во првите 12 недели многу доктори советуваат дека не е препорачлива физичката активност, затоа што тоа е период кога се одвива органогенезата и се формира плацентата. Сепак, доколку мајката била и претходно активна, не би требало да прави паузи, но сепак со внимателност да ги изведува вежбите. Првите недели не се препорачува кардиоактивност, која може многу да го покачи пулсот на мајката и секако да се избегнуваат скокови. Што се однесува до другите вежби првите недели генерално, со претпазливост, може да се прави сѐ, па дури и стомачни – вели Драгана.

Вториот триместар односно од 12-та до 28-та гестациска недела е најдобриот период за физичка активност.
– Едноставно во овие недели поминуваат тие утрински мачнини и на жената ѝ се враќа енергијата. Овој период е доста безбеден за физичка активност и под надзор на обучен тренер би можеле да се прават голема палета вежби, кои го активираат целото тело. Во овој триместар нема некои посебни ограничувања, освен лежење на стомак и некои нагли скокања, секако и вежбање со големи тежини исто така не се препорачува. Во третиот триместар треба да се внимава повеќе затоа што веќе бебето добива тежина, но и на самата мајка веќе ѝ станува потешко и затоа движењата стануваат малку поограничени. Тука треба да се внимава да не се лежи на стомак подолго време затоа што тежината од бебето може да ги потисне крвните садови, кои го снабдуваат бебето со кислород и хранливи материи. Вежбите во бременоста бараат модификации, но генерално многу од вежбите се безбедни за трудниците и со соодветен надзор од стручен тренер, секоја трудница што има нормална бременост би можела да остане физички активна – објаснува Драгана.