Остатоци од златна маска стара 3.000 години се пронајдени на археолошки локалитет во кинеската провинција Сечуан.
Маската е тешка околу 280 грама и се проценува дека е изработена од 84 проценти злато. Церемонијалната маска е една од над 500 предмети ископани од шест новооткриени „жртвени јами“, според Националната управа за културно наследство.
Артефактите се пронајдени во Санкшингдуи, област на 4,6 километри од главниот град на провинцијата Ченгду. Некои експерти велат дека предметите би можеле дополнително да ја расветлат античката држава Шу, кралство што владеело со западниот дел на Сечуан, сè додека не било освоено во 316 година пр. н.е., пишува Си-ен-ен.
Покрај златната маска, археолозите откриле и златни фолии и артефакти направени од слонова коска.
Повеќе од 50.000 антички артефакти се пронајдени во Санкшингдуи од 1920-тите години на минатиот век, кога локален земјоделец налетал на голем број мошти на ова место. Големо откритие се случи и во 1986 година со откривање на две големи јами што содржеле над 1.000 предмети, вклучувајќи сложени и добро зачувани бронзени маски.
По долга пауза во истражувањето, нови јами беа пронајдени кон крајот на 2019 година. Експертите веруваат дека јамите биле користени за жртвување, објаснувајќи зошто многу од предметите биле ритуално изгорени кога биле фрлени и закопани.
Се верува дека Санкшингдуи се наоѓал во срцето на државата Шу, за што историчарите знаат релативно малку поради оскудните записи. Наодите пронајдени на ова место датираат од 12 и 11 век пр. н.е., а многу предмети сега се изложени во музејот на самото место.