Стар три милениуми
Фотографијата го прикажува познатиот египетски печат на гробницата на кралот Тутанкамон, младиот фараон од 18-та династија. Снимката на печатот во 1922 година ја направил археологот Хари Бартон, познат и како фараоновиот фотограф, кој го фотографирал печатот непосредно пред неговите колеги да ја отворат гробницата. Јажето и амблемот на скаменетата кал, со кои гробницата била запечатена, пред тоа не биле допрени цели 3.245 години.
Гробницата на фараонот Тутанкамон во археологијата се означува со KV62 и се наоѓа во Долината на Кралевите, во горниот тек на реката Нил. Гробницата во ноември 1922 година ја открил британскиот археолог Хауард Картер, што го направило еден од најпознатите египтолози на сите времиња, бидејќи се сметало дека до толку големо откритие повеќе не може да се дојде во Египет. Гробницата останала неоткриена бидејќи со векови се наоѓала под урнатините на други објекти.
Во неа Картер затекнал толку многу артефакти, па било потребно осум години за гробницата да се испразни и артефактите да се транспортираат во Египетскиот музеј во Каиро.
Најпознатиот наод е Тутанкамоновата задгробна маска од чисто злато, но се пронајдени и артефакти како бодежи од метеорско железо. Печатот инаку ја чувал вратата на третата од десетте одаи на Тутанкамоновата гробница. Јажето од овој печат преживеало повеќе од три милениуми благодарение на сувоста на воздухот, но и на недостигот од кислород внатре во гробницата поради што било намалено влијанието на микроорганизмите што би го оштетиле. Токму од тие причини на пустинските наоѓалишта археолозите успеваат да пронајдат толку добро зачувани јажиња што се стари и до 28.000 години.
Остатоците на фараоновиот печат денес се наоѓаат во депото на музејот „Метрополитен“ во Њујорк.