Давор Стојановски со „Утеха за голите“, Ѓорѓи Крстевски со „Другата страна“, Михајло Свидерски со „Последните денови на Ханс“ и Петар Андоновски со „Страв од варвари“ се годинешните автори и наслови што се избрани во потесна конкуренција за Наградата за литература на Европската Унија.
Овие наслови ги избра националното жири во состав: Елизабета Баковска (претседател), Ѓоко Здравески, Владимир Јанковски и Александар Саздов (членови).
Наградата е наменета за автори што сè уште се на почетокот на кариерата во својата земја и тукушто ја започнуваат својата меѓународна кариера.
Победникот од насловите што влегле во потесна конкуренција ќе биде објавен на 20 мај 2020 година.
Наградата за литература на Европската Унија (the European Union Prize for Literature – EUPL) e востановена во 2008 година, со следниве цели: да промовира меѓународна мобилност на оние што работат во секторот култура, да стимулира транснационална распространетост на културни и уметнички добра и да поттикне меѓукултурен дијалог.
Наградата се доделува во 41 земја, кои се дел од програмата Креативна Европа. Секоја година, националните жирија на една третина од овие држави (според принципот на ротирање) номинираат прозни автори од своите земји. На тој начин, на авторите и на националните литератури им се овозможува да стигнат до поширока, меѓународна публика.
Досегашни македонски добитници на наградата се Гоце Смилевски (2010), Лидија Димковска (2013) и Ненад Јолдески (2016).